Која е фирмата што директно доби тендер од ЕСМ вреден 19 милиони евра?

Марковски Компани е компанија во постојан подем како резултат на работата во РЕК Битола, чиј сопственик Борче Марковски е почесен конзул на Белорусија во земјава.

by Фокус

Во време на енергетска криза, државната компанија за производство на струја АД ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ склучи спогодба и договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас со Марковски Компани, во вредност од 1,5 милијарди денари или скоро 19 милиони евра, вчера објави Фокус.

Според официјалните податоци, се работи за рамковна спогодба со еден економски оператор за период од 12 месеци, која се однесува за „проширување на изработка на усек за раздвојување во ПК ПЈС“, врз основа на која, пак, потоа е склучен и договор меѓу АД ЕСМ и Марковски Компани.

Од објавените информации произлегува дека договорниот орган на преговори повикал вкупно 4 компании, односно избраниот економски оператор „победил“ во конкуренција на 3 други фирми, меѓутоа не е наведено за кои компании станува збор.

Се обративме до АД ЕСМ(ЕЛЕМ) и РЕК Битола, со прашање кои компании биле повикани на преговори и според кои критериуми, како и дали можело навреме да се предвиди потребата од ваква набавка за да се спроведе транспарентна отворена постапка со објавување на оглас, во која може да се јави било која заинтересирана компанија? Досега не добивме одговори.

ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ НА БЕЛОРУСИЈА

Која е Марковски Компани? Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија е основана во 2002 година, со паричен влог од 2.500 евра. Сопственик на друштвото, чија основна дејност е изградба на објекти од нискоградба, е битолчанецот Борче Марковски, кој воедно е и управител.

Инаку, тој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Марковски (во средина) во друштво на амбасадорите на Белорусија и на Русија.

Како што своевремено пишуваше неделникот Фокус,  оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога впрочем почнува да добива тендери. Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека компанијата во 2011 година остварила приходи од 2.722.500 евра и имала 61 вработени, но веќе во следната година остварува двојно повеќе приходи (4,2 милиони евра), но и вработува речиси двојно повеќе луѓе (104).

Ваквиот нагорен тренд продолжува и во следните неколку години. Имено, „Марковски Компани“ во 2013 година остварува приходи од речиси 11 ипол милиони евра и профит од над 5 милиони евра, а во 2014 година вкупните приливи изнесуваат речиси 14 милиони евра, а профитот безмалку 7 ипол милиони евра. Всушност, голем дел од приходите се резултат на соработката со ЕСМ/ЕЛЕМ и работата во РЕК Битола.

Архива: Како Пелистер и Марковски Компани „војуваат“ за богатите тендери на РЕК Битола?

ПРОДОЛЖЕНИЕ НА РАСТОТ

Непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, актуелниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски излезе во јавноста да соопшти дека ЕСМ/ЕЛЕМ склучил уште еден голем договор за јавна набавка вреден 5 милиони евра со Марковски Компани, која, како што рече тогаш опозиционерот Ковачевски, е блиска на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, прв братучед на екс премиерот Никола Груевски.

Но, оваа компанија продолжи да добива тендери од ЕСМ/ЕЛЕМ и по промената на власта и раководството на државната компанија за производство на струја, па дури во овој период го зголеми растот. Така, ако нејзините приходи во 2018 година изнесувале 361 милиони денари, во 2019 година скокнале на 614 милиони денари, за ланската година да ја заврши со приливи од рекордни 778 милиони денари и добивка од 132 милиони денари.

Само во последните 12 месеци, компанијата склучила десетина договори за јавна набавка, при што на средината на годинава добила тендер од ЕСМ за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино во вредност од над 700 милиони денари или над 11 милиони евра. Потоа, двете страни во истиот период склучиле и договор за кровинска јаловина од 342 милиони денари или  5,5 милиони евра. Итн.

Што се однесува до последната непосредна спогодба вредна скоро 19 милиони евра, таа доаѓа во време кога државата се соочува со сериозна енергетска криза, поради која се обидува да увезе јаглен од странство, а во меѓувреме во неколку наврати влече струја од европскиот систем. Паралелно со тоа, државната компанија информираше дека, како дел од мерките за намалување на трошоците, ќе испрати работници на принуден одмор.

Влатко Стојановски

Поврзани новости