ЕСМ испреговара уште еден вреден договор со „Марковски Компани“

Двете страни склучиле рамковна спогодба со еден економски оператор за изнајмување на помошна механизација во висина од 4,9 милиони евра.

by Фокус

Акционерското друштво во државна сопственост „Електрани на Северна Македонија“ склучи уште еден вреден договор со „Марковски Компани“, во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, станува збор за договор за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во рудниците на РЕК Битола, чија вредност изнесува скоро 300 милиони денари или скоро 4,9 милиони евра.

Всушност, се работи за таканаречена деллива постапка, при што вториот помал дел или лот од едногодишниот договор, во вредност од над 35 милиони денари или околу 570 илјади евра, го добила компанијата „Рудкоп“.

Пред неколку дена, како што објави Фокус, АД ЕСМ склучи уште еден договор со „Марковски Компани“ во постапка со преговарање, која не предвидува објавување на оглас како отворената постапка.

Тоа значи дека секоја заинтересирана компанија не може да конкурира за договорот, доколку не биде повикана на преговори според одлука на договорниот орган.

Поточно, двете страни склучиле таканаречената рамковна спогодба за ископ на јаглен и технички решенија за заштита на копот во рамки на РЕК Битола, тешка 19 милиони евра, врз основа на која потоа е склучен договор.

И во двата случаи, државните електрани побарале и добиле позитивно мислење од Бирото за јавни набавки за да спроведат постапка по пат на директни преговори поради „крајна итност и непредвидени работи“.

Среде криза, ЕСМ склучи непосредна спогодба тешка 19 милиони евра

Како што велат од ЕСМ, овој договор е склучен во итна постапка за време на енергетска криза бидејќи Владата ги задолжила да обезбедат 100 проценти од потребното количество електрична енергија за универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, кој, пак, ги снабдува со струја домаќинствата и малите потрошувачи.

Паралелно со овие активности за зголемување на ископот на јаглен во сопствените рудници, АД ЕСМ продолжува со обидите за обезбедување на јаглен од рудници во земјава и странство, преку повикот кој ќе биде отворен во текот на целата 2022 година“, ни одговорија од ЕСМ.

ЕСМ објаснува зошто спроведе итна постапка за ископ во РЕК

Во меѓувреме, во однос на избраната компанија пишувавме дека „Марковски Компани“ е во сопственост на Борче Марковски, кој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија.

По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Која е фирмата што директно доби тендер од ЕСМ вреден 19 милиони евра?

Инаку, оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога впрочем почнува да добива тендери. Непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, актуелниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски ја обвини фирмата дека е блиска до Сашо Мијалков.

Но, „Марковски Компани“ продолжи да добива тендери од ЕСМ/ЕЛЕМ и по промената на власта и раководството на државната компанија за производство на струја, па дури во овој период го зголеми растот.

В.С.

Поврзани новости