(КОМЕНТАР) Жена сум и премногу права ми се дадени, право да чистам, готвам, работам, раѓам, перам…

by Fokus

Пошироката слика е дека женските права прогресираат изминативе неколку децении, дека од времето на суфражетките до денес имаме извојувано многу победи, не само што имаме право на глас, туку имаме право и да ја водиме државата и да се кандидираме за функција. Но ова право е само декларативно, бидејќи пошироката јавност се уште не гледа исто на мажите и жените. Мажите се подобри платени на работните места, имаат поголема поддршка од заедницата, полесно напредуваат во кариера и нивната неморалност се толерира, за разлика од неморалноста на жените која води до нивно исклучување од општествениот живот.

Имаме очајна состојба со правата на жените, но тоа е секогаш премолчано, зад кулиси, ставено под тепих. Проблемот кој настанува од ова е што квалитетот на живот на жените е екстремно понизок, но кој да биде свесен за тоа? Уште поголем проблем е што ова општество дополнително ги експлоатира жените и тоа се одвива премолчано.

Како што жените постепено добиваат рамноправност во општеството, така расте бројот на улоги кои жената ги има во општеството. Ако некогаш улогите биле поделени, сега жената е се што е и мажот, додека мажот стагнира. Жената е домаќинка, мајка, сопруга, готвиме, переме, чистиме, раѓаме, чуваме деца, работиме, градиме кариера, се надоградуваме, се бориме за повисока позиција, за нашето право на глас, за правото да не третираат еднакво, сексуално да не не злоставуваат, да не трпиме физичко насилство и.т.н.

Сите овие цели ја исцрпуваат секоја освестена жена. Нејзината позиција денеска во општеството не е добра, туку е спротивно на добра. Проблем со прогресот на жената, е статус кво-то на мажот. За да може жената да прогресира во општеството, мора мажот да прогресира во семејството. Жената не е рамноправна, бидејќи во домот улогите не се променети. Мажот се уште зазема централно место во општеството и себично одбива да го сподели со било која жена, од друга страна обврските околу домот, децата, фамилијата, моралот паѓаат на грбот на жената.

Немам намера да го девалвирам феминистичкото движење низ историјата и денес, но денеска имаме ситуација каде жените, чија продуктивност во општеството е немерлива, попрво би избрале да не придонесуваат активно во општествениот живот затоа што во нивниот дом нема кој да ги замени.

Параскева

Фотографијата е од споменикот „Победа“, познат и како Споменик на Револуцијата или Споменик „Жена борец“ во чест на паднатите борци во НОВ, а на тетовчанката Борка Аврамова.

Поврзани новости