Останавме без работа затоа што сме бремени, на СДСМ не и е работа да организира маршеви

by Fokus

Обесправеност и дискриминација на работно место, но и дома, во средината во која живеат е секојдневието на жените во Македонија. Нивниот труд е помалку платен, нивниот работен однос е нестабилен, најизложени на неправда се кога ќе забременат. Овие проблеми ги покренаа учесниците на вечерашниот осмомартовски марш во Скопје под мотото „Ќе преживеат ли жените овде?“

На СДСМ им беше порачано да не се занимаваат со маршеви бидејќи тоа не е нивна работа, алудирајќи на маршот што СДСМ го организираше во неделата во Прилеп.

-Би сакала да ги замолам парламентарците, наместо да организираат осмомартовски маршови, видовме пред некој ден имаше, ги молам да ги остават на страна, ние ќе ги организираме за да ја покренеме свеста на населението. Не е нивно да организираат вакви маршови, туку да седнат во Собрание и да го сработат тоа за што се платени – порачаа од маршот.

Учесниците побараа да се изгласат измените во Законот за работни односи за да го добијат долгоочекуваното решение за вработување, наместо договори на секој три месеци.

Неколку жени кои останале без работа откако забремениле се пожалија дека се оставени на милост и немилост.

-Останавме без работа кога им соопштивме на нашите работодавачи дека сме бремени. Законот за работни односи не не штити, не предвидува одговорност за работодавачите, туку и ги охрабрува да не го продолжат договорот на определено време кога работничката е бремена. Итно повикувам да се донесат тие измени на законот и да се применува законот за дискриминација, бидејќи ова е дискриминација на работничките кои се осудиле да станат мајки. Бремените жени и мајките не бараат да бидат привилегирани, бараат само да не бидат дискриминирани – порачаа тие.

Со двојна дискриминација, пак, се соочуваат жените Ромки. Демонстрантките рекоа дека овие жени немаат здравствено осигурување, не можат да најдат работа и се често жртви на семејно и родово базирано насилство.

Поврзани новости