Заев до Милошоски: Бесрамно и безобразно лажете, на Влатко Ѓорчев сопругата за 1.800 евра ја ангажиравте

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, го обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, дека лаже, откако Милошоски од собраниска говорница рече дека советникот на премиерот, Љупчо Зафировски, им помагал на фирмите на Заев да ги извезуваат своите производи во Србија и во Франција. Заев го демантираше ова и рече дека има право да ангажира кого сака во својот кабинет.

-Ми замерувате за советник кој го плаќаме 1.200 евра. Па на Влатко Ѓорчев сопругата за 1.800 евра ја ангажиравте. Вие ќе држите предавање за тоа кого сум ангажирал. Еве ќе ја видиме Франција како ќе гласа во октомври – рече Заев осврнувајќи се на неговото објаснување дека Зафировски бил ангажиран поради неговите контакти во кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.

Одговорот на Заев предизвика тензии и довикувања од пратеничките клупи на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

-Манипулации и бесрамни лаги се ова. Веројатно имате ваша стратегија, респектирам, но она што го зборувате, убаво е и надвор од говорница да го кажете, бесрамно и безобразно лажете. Да кажете дека Љупчо Зафировски е советник затоа што соработувал со Заеви е лага, не знам кој ви е планот, но не можете да си креирате сами на себе приказни и преку невистини да зборувате за одредени тези кои треба да исполнат ваши стратегии – рече Заев.

Неговиот одговор се однесуваше на прашање од Милошоски дека наводно бизнисмен од Битола кој во првите три месеци од годината добил тендер за РЕК Битола, функционер на власта му побарал 250.000 евра во кеш. Како што рече Милошоски, за да се заштити од ваквото барање, бизнисменот од Битола искористил лични контакти со амбасадата на Белорусија во Белград која ја покрива и Македонија.

-Дали изминатиов период на било кој начин во вашиот кабинет, или во вашата Влада, имало ургенции, контакти од страна на амбасадорот на Белорусија во Белград? – праша Милошоски.

Заев негираше дека кај него бил белорускиот амбасадор, или било кој од амбасадата и му порача на Милошоски доколку има било какви информации да ги достави до истражните органи.

-Излезете надвор од говорница кажете ги овие тврдења и ќе се видиме на суд. Одговорно тврдам дека компаниите на Заеви никогаш не соработувале со Зафировски – рече Заев.

Поврзани новости