Спотот против насилство над жените на Северина злоупотребен за подгревање на тензиите

by fokus

„Унаказена Македонка пред Собранието од полицијата партиска. Народе, утре оваа жена може да биде твојата мајка, сестра, сопруга, ќерка“ – пишува под фотографијата со хрватската музичка ѕвезда Северина, која што од синоќа, по нередите пред собранието започна масовно да се споделува на социјалните мрежи.

Имено, фотографијата со Северина со модринки на лицето е извадена од видео спотот за песната „Muškarcu samo treba kurva” која популарната пејачка ја промовираше пред девет години, со цел да го сврти вниманието кон големиот проблем, машкото насилство над жените.

Сепак, малку упатените подлегнаа на провокацијата и Северина ги преплави социјалните мрежи претставена како жртва на полицијата во Скопје.

Покрај неа, и пензионерката Милева Стојимировиќ од Србија се најде на мета на креаторите на лажни објави. Фотографии од жената во болница, кои што беа објавени во српските медиуми пред три години, кога истата била нападната од хулигани, се пласираа како вчерашни, со појаснување дека и Милева е една од жртвите на полицијата за време на протестот во Скопје.

Лажните вести на кои многумина им поверуваа и ги споделуваа на своите профили само дополнително ги подгреаа тензиите синоќа и предизвикаа коментари полни со омраза и повици на насилство.

На вчерашниот јавен протест во Скопје, дел од демонстрантите употребиле распрскувачки средства и насилно ја турнале заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата употребила солзавец – информираше МВР.

Повредени биле седум полицајци, а приведени 25 демонстранти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости