Борко Ристовски ги поддржа протестите: Македонија е од искона, до вечноста

by fokus

Голманот на македонската ракометна репрезентација, Борко Ристовски на својот Фејсбук профил ги поддржа протестите на навивачките групи кои се против менување на името Македонија.

„Со целата своја свест, совест, минато, иднина и спортско наследство кое сум го оставил настапувајќи за и во името на македонската држава, чувствувам морална, човечка и домољубна обврска, пред се кон моето семејство и моите преди, но и кон својот македонски народ и татковина да искажам сопствен став за се она што изминатиот период се случува во мојата, нашата Република Македонија. Говорам од културно-историски, но и од национален аспект, кога велам дека никој, ама буквално никој нема право да го менува името на нашата татковина Македонија. Токму затоа, јас, Борко Ристовски, долгогодишен македонски интернационалец, но и горд бранител на репрезентативните ракометни бои на Македонија, бојовник на спортските полиња ширум светот во светиот македонски дрец – го кревам својот глас и апелирам за семакедонско национално единство во однос на ова прашање, кое при мајка може да не остави сираци“, пишува Ристовски.

Тој апелира до сите, без разлика на која националност, религиска или политичка припадност припаѓа, да застане во одбрана на името.

„Народ и држава што не си ја знае својата историја не може да ја определува иднината на своите сонародници и на своите наследници! Драги браќа Македонци и останати народности во нашата Македонија, ви упатувам апел да го сакате го својот народ, своите блиски и својата една и единствена татковина. Македонија е од искона, до вечноста. Да живее, една, единствена и вечна Македонија“, напиша на Фејсбук Ристовски.

https://www.facebook.com/borko16/photos/a.10153030522468723.1073741828.46402233722/10155709098533723/?type=3&theater

Поврзани новости