Отстранувањето на дел од спомениците од „Скопје 2014“ ќе биде доведено во прашање, затоа што можат да послужат како доказен материјал во постапките што ги води Специјалното јавно обвинителство. Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, денеска изјави дека се во координација со Град Скопје и со Општина Центар околу модалитетите за отстранување на спомениците.
-Голем дел од тие објекти се и предмет на постапките што се водат во Специјалното јавно обвинителство, дел од постапките се и во Јавното обвинителство, а се разбира некои од нив ни требаат и како обезбедување материјален доказ. Доколку ги отстраниме, секако, постои и мал ризик во тие постапки да го уништиме доказниот материјал – рече Алаѓозовски на презентацијата на предлог-буџетот за 2018 година.
Обвинители на СЈО неодамна влегоа во Град Скопје каде ја проверуваа документацијата поврзана со поставувањето на спомениците донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради. Еден од овие споменици е оној пред судска палата на Андон Лазов Јанев-Ќосето, кој беше предмет на првиот извештај на работната група. Експертите ангажирани од Министерството за култура, предложија отстранување на споменикот затоа што е дивоградба.
-Прашањето е сложено. Она што е до нас, ние детално ги анализираме, како се изградени, на кој начин, кој се потпишал како автор, кои процедури и закони се прекршени. Наоѓаме неправилности и во самата постапка на изградување на тоа што веќе било зацртано од нив како план – додаде министерот.