Милошоски сега ја прозива ТВ Телма: Дали ќе продолжи да истражува за Нешковски како во 2015

by fokus

Пратеникот, Антонио Милошоски, откако доби одговор од Канал 5 за неговите прозивки поврзани со „бомбата“ од 12 минути која ја објави Ел Чека, од целосниот разговор меѓу Никола Груевски и Гордана Јанкуловска, сега ја прозива ТВ Телма.

Милошоски прашува дали телевизијата ќе продолжи да истражува за случајот како и во 2015 година кога известувала за објавената „бомба“ на СДСМ.

„Во 2015, во име на вистината Телевизија Телма редовно известуваше за убиството на Мартин Нешковски, врз основа на објавената бомба од Зоран Заев, во траење од 3 минути. Сега гледаме дека таа бомба траела 12 минути. Дали ТВ Телма сега ќе истражува повторно во име на вистината“, прашува Милошоски.

Претходно Милошоски во статус за Канал 5 рече дека во 2015 година телевизијата „слабо известувала за убиството“, а дека новинарка признала дека добивале притисоци од МВР.

„Денес, за среќа, се гледа дека Канал5 има многу добри релации со МВР и Владата.“, напиша пратеникот.

Од Канал 5 возвратија:

„Во име на јавниот интерес Ве замолуваме да одговорите на овие прашања:

1. Зошто владата во која бевте министер, молчеше за убиството цели 48 часа?

2. Дали некогаш сте побаравте одговорност во вашата партија и во владата за очигледниот обид да се прикрие и заташка случајот?

3. Дали сте се запрашале кој и зошто од МВР и владата тогаш вршеа силен притисок врз медиумите да не известуваат за убиството?“, прашаа од телевизијата, но Милошоски не одговори.

Поврзани новости