Полициска службеничка вработена во Секторот за внатрешни работи во Велес тврди дека со месеци трпела мобинг и добивала закани од нејзин надреден исто така вработен во СВР – Велес, објави „ТВ24“. Заканите според тврдењето на полицајката се однесувале за нејзина прераспределба од Велес во Чашка или Богомила.
Полицајката го пријавила случајот, но следеле дополнителни притисоци од високиот полициски службеник.
„Имав една непристојна понуда од висок полициски функционер која што мене не ми се допаѓаше и секако ја одбив. Неколку пати се обидуваше да ме наведе на тоа, но јас не прифатив Сето тоа се случуваше пред колегите, имам и сведоци за тоа. Во неколку наврати ми рече дека ќе бидам префрлена на друго работно место, нема да работам во Велес. Утрото кога веќе си отидов дома во 5:07 отворив на Фејсбук и видов дека имам порака од него во која што ми пишува само – Чашка“, вели Полициска службеничка – СВР Велес
Целиот настан се одвивал пред очите на неколку колеги на полицајката кои пак дале и свои искази.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, велат дека од преземените мерки не постоеле наоди со кои би можеле да ги потврдат тврдењата на полициската службеничка.
„По добиено сознание за извршено вознемирување на полициска службеничка, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веднаш е постапено и во текот на месец февруари годинава извршени се проверки во врска со наведениот случај. Од досегашните преземени мерки нема наоди со кои би можеле да ги потврдиме тврдењата на полициската службеничка “ – МВР