Манчевски има план Б доколку не си поднесе оставки програмскиот совет на МРТ

by fokus

Министерот за информатичко опшество и администрација Дамјан Манчевски денеска повторно ги повика членовите на Програмскиот совет на МРТ да поднесат оставки.

– Мене ми е навистина чудно што членовите на Програмскиот совет на МРТ на никаков начин не одговорија на мојот повик да си поднесат оставки. Еден независен јавен сервис на некаков начин ќе одговореше на прозивка да си поднесат оставка заради катастрофалната позиција во која што ја доведоа МРТ. Молкот од нивна страна покажува се. Уште еднаш ги повикувам веднаш да поднесат оставки за да може да се спроведат медиумските реформи, рече Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата.

Само така, смета тој, ќе се откочи и носењето на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– Единствена пречка и причина поради која што ВМРО-ДПМНЕ го блокира носењето на законот е да си ги задржат нивните луѓе во програмскиот совет на МРТ, тврди министерот.

План „Б“ за излез од оваа ситуација, според министерот, има.

– Ако има потреба ќе го објавиме. Можеби нема да има потреба од тоа, рече Манчевски, според кого разговори за оваа тема сега нема, но некои амандмани предложени од опозицијата за Владата се прифатливи.

Според него, главната пречка е инсистирањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ членовите на програмскиот совет на МРТ да останат до крајот на мандатот и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Поврзани новости