Милошоски повторно не дозволи Димитров да започне со своето излагање

by fokus

Собраниската Комисија за надворешна политика ниту по паузата не ја започна седницата на која излагање за остварувањето на меѓународната политика требаше да има министерот за надворешни работи Никола Димитров. Претседателот на Комисијата Антонија Милошоски рече дека седницата ќе продолжи со работа кога пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат ќе ги добијат класифицираните материјали од две лидерски средби одржани кај претседателот на Република Македонија. Тој информираше дека пратениците со писмо ќе ги побараат овие материјали кои, според него, се наоѓаат кај генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова. Продолжението го закажа за в понеделник.

– Се надевам дека ова деловничко право што го имаме како пратеници ќе ни биде задоволено во најскоро време, за да може да започнеме со работа на седницата на Комисијата за надворешна политика, рече Милошоски.

На ова реагираше пратеничката Ивана Туфегџиќ која рече дека нема проблем Комисијата да почне со работа по излагањето на министерот Димитров.

– Материјалите кои ги споменавте не се дел од оваа точка. Министерот може да има експозе, бидејќи неговиот извештај не содржи класифицирани материјали, рече таа. Милошоски не го прифати предлогот на колешката.

Претходно Комисијата на трипати беше одложувана од истата причина, односно барање посочените материјали да бидат доставени до пратениците.

Недоставувањето, според Милошовски, значи дека владејачкото мнозинство нешто сокрива и остава простор за сомнеж.

Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, го предупредија дека на ваков начин по изнесување детали од класифицирани материјали прави кривично дело, како и дека кривично дело е доколку тој имал увид во тие материјали, а нема безбедносен сертификат.

Поврзани новости