ЕП бара нови санкции за Русија

by fokus

Европратениците денеска повикаа на нов пакет санкции против Русија како одговор на трупањето руски војници долж границата со Украина.

Во резолуцијата усвоена со 548 гласа „за“, 69 против и 54 воздржани, европратениците повикаа на „строги економски и финансиски санкции“ кон Русија како одговор на нејзините закани кон Украина.

Украина, Европската унија и САД со недели ја обвинуваат Русија за планирање напад врз Украина. Според НАТО, Русија распоредила меѓу 75.000 и 100.000 војници, а Западот стравува дека тоа начи повторување на 2014 година, кога Русија го анектираше полуостровот Крим. Истата година, проруските сепаратисти окупираа дел од источна Украина, регионите Доњецк и Луганск.

Европратениците се залагаат за нов пакет санкции насочени кон руските воени претставници и луѓе блиски до Путин, повикувајќи на замрзнување на финансискиот и физички имот во ЕУ, забрана за патување и исклучување на Русија од платниот систем SWIFT.

Кремљ негира дека подготвува инвазија на Украина и тврди дека трупањето на руски војници долж границата со таа земја е исклучиво од одбранбен карактер и бара безбедносни гаранции за сопствената безбедност.

Москва бара НАТО да не распоредува оружје во земјите кои граничат со Русија и се противи на евентуалното членство на Украина и Грузија во тој сојуз.

Поврзани новости