По информациите дека еден од трите блока во РЕК Битола вчеравечер откажал, па дополнително се увезувало струја во земјава, со реакција се огласија од ЕЛЕМ. Во нивното соопштение не e кажано дали се работи за редовно или дополнително увезување на струја, ниту се споменува каков било дефект, туку само убедуваат дека ситуацијата ја имаат под контрола.
-Електроенергетската состојба е стабилна и граѓаните и целата индустрија што е на регулираниот пазар ги добиваат сите потребни количини енергија- вели директорот на АД ЕЛЕМ Христијан Мицкоски, додавајќи дека откако земјата е зафатена со студен бран, потрошувачката на енергија е зголемена за 10-тина проценти.
– Ние сме сега пред еден сериозен предизвик и не само ние, туку и цела Европа. Имаме вонредни временски прилики при што во текот на вечерва температурата во Македонија падна и под 25 степен под нулата, во Скопје беше околу -23. Сите чинители во електроенергетскиот систем сме подготвени. Ќе го пратиме конзумот, потребите на граѓаните и индустријата и соодветно на нивните потреби и така ќе одговараме – стои во соопштението од ЕЛЕМ.