Легендата вели дека по повод петте први 100 дена на владата на Груевски, премиерот на барање на министрите ги однел во Охрид да го видат вселенскиот брод кој беше прикажан во прилог на единствениот канал што го имаат на домашните телевизори. Меѓутоа, откако стигнале ги чекало огромно изненадување.
Наместо Бакрачески од леталото излегол Наум Чудотворец, кој лут од односот на оваа Влада кон неговото дело, ги заробил сите до еден и им дал листови со прашања за екстерно тестирање. Благодарејќи на ископините на Паско, во јавност се појавија неколку прашања:
1. Богот на здравјето во македонската митологија се вика:
а) Хипократ
б) Хипокрит
в) Ел Нино;
2. Свети Наум Охридски Чудотворец е основоположник на:
а) македонската
б) античката
в) хунзиева книжевност;
3. МЗТ Скопје за да го победи Работнички потребни се:
а) еден судија
б) еден судија и делегат
в) еден судија, делегат и полиција;
4. Вицепремиерот за здрава храна, Пешевски, ветил дека ќе го затвори „Југохром“:
а) четири пати
б) пет пати
в) многу пати;
5. За конкурсот на МВР од нови 400 полицајци:
а) нема потреба од нови, и така сме полициска држава
б) има потреба за случајно да не се врати опозицијата во Собрание, па пак да треба да се исфрла
в) има потреба за да се покрие цела Партизанска за делење казни;
6. Полицијата и УЈП делат казни:
а) од ракав
б) од инает за буџетот
в) по повик од горе;
7. Со нискобуџетните авионски линии од Македонија најчесто патуваат:
а) дипломирани кои не си ја купиле дипломата
б) оние без книшка на ДПМНЕ
в) средната класа;
8. Ако во кабинетот на Миле има една лопата, колку лопати има во канцеларијата на Груевски:
а) зависи од изборите
б) 1.563
в) една од отварањето на ОКТА;
9. Најдобар министер за странски инвестиции е:
а) Ташковиќ
б) тој што има најмногу визит карти
в) тој што најбрзо го надувува цепелинот „Invest in Macedonia“;
10. Јавниот обвинител Зврлевски најмногу не чул за:
а) „Македонска банка“
б) нападите на ЛГБТ-заедницата
в) тендерите на Ивона;
11. Прва фигура во фонтаната на ВМРО од 1.300.000 евра ќе биде:
а) Ќосето
б) Тодор Александров
в) Ванчо Михајлов;
12. Најгледана политичка емисија на МРТ е:
а) „Твојот прст ми изгледа познато“ со Амди Бајрам
б) „Слики од вашата куќа“ со Влатко Ѓорчев
в) „Руски сказни“ со Александар Николоски;
13. Најголеми странски инвестиции во Македонија се:
а) кравите на Субрата
б) турските серии
в) српските фолк емисии;
14. Изгледот на Скопје зависи од:
а) жолтите чизми на Коце
б) соништата на Вале под балдехините во Фиренца
в) стиропорот на Чаушевски;
15. Ахмети излегува од Владата:
а) секои три месеци
б) по секој тендер
в) откако ќе се извини за селфијата на Груби;
16. Казна од 50.000 евра се изрекува на министер за:
а) јадење комбиниран во „7-ца“
б) летување во Грција
в) доаѓање на време на работа;
17. Наградата за придонес во парламентарна демократија се вика:
а) Трајков бран
б) ноктето на Дулиќ
в) солзите на Силвана;
18. Најмногу победи во наградната игра „не ми треба фискална за да добијам” има:
а) огранокот од Чаир
б) Фамилијата
в) Чак Норис
19. Од што најмногу се плаши премиерот:
а) ЕУ
б) сеништа
в) тој не се плаши, само така изгледа;
20. Последен кој дознал дека се подготвува екстерно за студенти е:
а) министерот Адеми
б) ректорот на УКИМ
в) УМС;
21. Во трка на 100 метри, ако наградата е поздравување со премиерот, кој прв ќе стигне:
а) Мирка
б) Миленко
в) Јанко;
22. Со кршачите на Општина Центар, Гордана:
а) се слика
б) игра оро
в) оди на пеење кај Пимен;
23. Покрај тоа што Македонија има подобра економија од Швајцарија, таа има и:
а) поголема минимална плата
б) повеќе скијачки терени
в) подобра фудбалска репрезентација;
24. Единствен проект на Владата за 2015-та е:
а) чип за секој граѓанин
б) стечај за секое семејство
в) штедиме на избори, заокружи од дома;
25. Најнезависни институции во Македонија се:
а) музичките фестивали
б) Хорхе
в) фудбалската федерација;
Легендата на крај вели дека никој не го положил екстерниот тест и согласно Законот се казнуваат тие што ги избрале, граѓаните!