ЗНМ: Скандалозни законски измени во корист на владините кампањи

by Фокус

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги оценува како скандалозни измените и дополнувањата на Законот јавни набавки, во кои јавните институции немаат обврска да распишуваат тендери за рекламирање во медиумите.

– Ваквите измени се дрско однесување на Владата кон препораките на европскиот извештај за оваа година и кон заложбите на новинарските и медиумските организации. Наместо Владата да ги следи европските препораки и да воспостави критериуми за распределба на јавни пари во медиумите, со ова решение се отвора можност за уште понетранспаретно трошење на јавни пари во медиумите. Станува јасно дека Владата нема намера да воспостави ред во огласување во медиумите, туку да го зголеми притисокот врз нив и да ја купи нивната наклонетост – велат од ЗНМ.

Новинарската асоцијација бара Владата да ги повлече овие измени и низ отворена дебата да се изнајдат решенија за забелешките на Европската унија и на новинарските и медиумските организации.

– Во постојниот закон јавните институции немаат обврска да објавуваат тендери за купување рекламен простор во телевизиите и радијата, додека со измените ваквата практика ќе се применува и врз печатените медиуми и електронски портали – велат од ЗНМ.

Поврзани новости