Иницијативата за оспорување на одлуката за распишување на референдум поднесена од политичката партија „Левица“ е обид за уривање на државата, вели во изјава за МИА поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски.
Уставниот суд кој треба да расправа за иницијативата на седница в среда, според Ивановски, формално-правно има на располагање три можности. Првата можност е да ја отфрли иницијативата, ценејќи дека прашањето не е такво за Уставниот суд да постапува.
Втората може да биде Судот да ја одбие, односно да не поведе постапка кога веќе ја ставил во фаза на одлучување, и третата, може да одлучи да поведе постапка отпосле, да оди и на соодветно укинување или поништување.
Тој посочува дека референдумот како уставна материја е уреден во сферата на зачленување во Унијата и во НАТО, каде што се дадени соодветни одредби коишто подразбираат еднакво квалификувано мнозинство.
– Но, сегашниот референдум или сегашното произнесување јас го сфаќам само како создавање на тие можности за да се оди потоа на еден таков референдум на којшто би било прифатена севкупната определба за зачленување. Овој референдум сега што се оспорува пред Уставниот суд мислам дека се сведува на референдум што Собранието на Републиката по прашање од својот делокруг го распишува и каде во самото распишување е определено мнозинството, бидејќи самото Собрание го донесе на таков начин – со мнозинство, а не со двотретинско мнозинство. Неговата определба за таквиот референдум, според тоа, станува малку поинакво прашање, а не такво какво што иницијаторот му дава свое влијание, вели Ивановски.
Од друга страна, како што вели, стравува дека со поставувањето воопшто на самото прашање за разгледување пред Уставниот суд, имајќи го предвид досегашното искуство од работата на овој судски состав, се оди токму на оваа црна нитка, на рушење на темелите на државата.
– Рушењето на тој референдум би значело рушење на тие темели и на опстанокот на државата, истакна Ивановски.
Според него, Уставниот суд со своето политиканство внатре и политичките влијанија во еден период од своето делување, кога беше – „прочуената аболиција“ кога се заговараше претседателот на државата да донесе таков противуставен акт, па потоа самиот претседател ја повлече, покажува дека има таква можност, односно манифестирање во практиката на една појава на рушење на самиот поредок.
– Да се надеваме дека сепак ќе преовлада разумот кај членовите на Уставниот суд, иако јас сега ја искажав мојата резерва, а од друга страна треба да се има предвид дека ова прашање или тие прашања кои се покренуваат со иницијативата има соодветен формално-правен карактер, ама и содржински карактер, вели Ивановски.
Во контекст појаснува дека тоа би значело имајќи го предвид карактерот на прашањето за кое се однесува севкупната активност во државата што се спроведува последнава година, дека се бара некакво влакно во јајцето, односно се бараат формалните причини.
– Овие формални причини во конкретниот случај можат да го отстапат местото на суштината на содржината. Таа содржина се темелните принципи на Уставот, таа содржина е волјата на народот, во конкретниот случај каде после 20-ина години претстои да се реши еден спор, сигурно со свои потешкотии и со свои недоследности, но сепак треба да се гледа суштината, а не формата, вели Ивановски за МИА