ЕК: Рестриктивните мерки постепено да се укинуваат, за да се избегне ново избувнување на епидемијата

by Frosina Fakova

Европската комисија (ЕК) денеска ги презентираше своите препораки до земјите членки на ЕУ за укинувањето на рестриктивните мерки и мерките на изолација и бара тоа да се прави постепено за да се избегне ново избувнување на епидемијата, јави МИА.

Европската комисија не препорачува еден модел на укинување на мерките, туку бара од властите во земјите членки на ЕУ внимателно да ги следат советите на епидемиолозите и да ги прилагодат мерките на сопствената ситуација, имајќи предвид дека секоја земја се соочува со различен интензитет на епидемијата.

Но, ЕК инсистира да биде навремено информирана за мерките што ги планираат земјите и, пред сѐ, да се соработува од блиску со соседните држави.

Препораките на Комисијата се темелат на три столба, рече Фон дер Лајен: солидна епидемиолошка анализа, обезбедување на доволен капацитет на здравствениот систем и ефикасен систем на мониторинг на граѓаните, главно преку широко тестирање на населението.

-Земјите членки побараа од нас да изготвиме патоказ за излез од мерките за изолација, тоа го испорачуваме денеска, но ова не е знак дека мерките може сега да се укинат, рече претседателката на ЕК.

Во земјава, според најавите на здрасвените власти, можно е постепено укинување на мерките на почетокот или средината од мај.

Поврзани новости