Без симптоми, позитивните сопружници од Неготино барале тестирање поради сомнителен контакт

by Fokus

Ако сопружниците позитивни на корона вирус од Неготино се во добра состојба, без симптоми и во домашна самоизолација, зошто тогаш воопшто барале да им биде земен брис и да се тестираат за вирусот – е прашање кое што денес е актуелно во Неготино, откако од МЗ официјално беа потврдени првите два случаеви во градот.

Корона вирусот не го одмина ниту Неготино, мало место во кое речиси сите меѓусебно се познаваат, па веста за заболените ги вознемири граѓаните, кои бараат одговори, во случај да имале контакт со некое од лицата.

Од Центарот за Јавно здравје Кавадарци за ,,Фокус” потврдија дека се работи за брачен пар на возраст од 73 и 76 години. Од таму информираа дека жената ретко излегувала од дома, а мажот одел во локалните продавници и вршел потребни набавки, но изјавил дека носел заштитна маска.

На прашањето кое многу граѓани го поставија, зошто постар брачен пар кој нема симптоми и живее повлечено во град каде немаше вирус, би се тестирал, од центарот велат дека тие не можат да ги откриваат тие детали, бидејќи делот околу тоа зошто барале тестирање е во домен на матичниот лекар на парот.

,,Фокус” стапи во контакт и со матичниот лекар на заболените, кој тврди дека лицата не дошле во клиниката, туку телефонски стапиле во контакт. Тие побарале да им биде земен брис, по што според процедурата им бил изработен прашалник. Според одговорите во прашалникот се одредува дали некој е приоритетен за тестирање за корона вирус, а бидејќи сопружниците навеле дека биле во контакт со лице со сомнителни симптоми или евентуално позитивно на вирусот, им било направено тестирањето.

-Не смееме да откриваме детали за нашите пациенти, и не смееме да дозволиме стигматизација на заболените, бидејќи секому може да му се случи. Според одговорите во прашалникот, пациентите биле во контакт со лице сомнително или позитивно на вирусот, затоа им е земен брис. Не можам со сигурност да кажам, бидејќи не сум на работно место во моментот, мислам дека прашалникот беше изработен во петокот. Сега лицата се во домашна самоизолација, според процедурата, во секојдневен телефонски контакт со матичниот- ни изјавија од матичната клиника на заболените.

Од Центар за јавно здравје ни потврдија дека се до вчера сопружниците имале контакти со членови на семејството, а денес по добивањето на резултатите се правеле анкети и се барале сите лица со кои тие имале контакт изминатиот период.

Вики Клинчарова

Поврзани новости