Едвај 1.000 граѓани неделно се вакцинираат против ковид

by Fokus

Додека пред речиси една година главна тема на разговор беа вакцините против ковид 19, сега „еуфоријата“ како да спласна, а се повеќе граѓани одлучуваат да  не се вакцинираат против опасниот вирус.

Според нашите информации од вакциналните пунктови, бројката на граѓани кои донеле одлука да се вакцинираат е толку мала, што едвај на неделно ниво се имунизираат околу 1.000 граѓани. Ваквите алармантни бројки тресат веќе подолг период, а нашите извори од министерството за здравство тврдат дека од вторник се очекува да има заголемување на бројот на граѓани, така што ќе се одредуваат според таргет групи.

Според последниот официјален извештај на Институот за јавно здравје, заклучно со 6 февруари , вакцинирани се вкупно 867.529 лица со барем една доза на вакцина против ковид во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 845.121 лица, а со трета доза се вакцинирани 132.488 лица.

Веќе подолг период, опфатот со две дози вакцини кај вкупното население изнесува околу 40 отсто, што покажува дека е се послаба заинтересираноста на граѓаните за вакцина против смртоносниот вирус, од кој досега починаа повеќе од 8.700 граѓани.

На состаноците на Комисијата за заразни болести редовно се дискутира за се послабата имунизација на населението и начинот на кој граѓаните да се мотивираат, но никогаш како тема не се појавила четврта доза на вакцина, освен бустер дозата со која досега се вакцинирале 132.488 граѓани.

Во моментот државата располага со најмногу вакцини од проеизводителот Фајзер.

За да успеат да ги мотивираат, на една од владините седници беше донесена одлука со која матичните лекари ќе добијат еднократна парична награда и тоа 30 денари по пациент, ако успеат да ги убедат над 70 отсто од своите пациенти да се вакцинираат против ковид 19.

Но, тоа наиде на огромни негативни реакции и коментари од страна на матичните лекари, кои за време на цела пандемија беа првата скала каде што се упатуваа заразените од ковид.

„Фокус“ веќе објави дека социјалните мрежи вријат од коментари против ковид 19 и против вакцинирањето и тоа од лекари, кои креираат цели антиваксерски кампањи. Тоа што е најстрашно, овие лекари тераат цели пропаганди против имунизацијата и тоа во време на најстрашната пандемија во историјата на државата.

Досега во земјата се направени вкупно 1.842.926 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 286.096, бројот на оздравени пациенти е 265.945, на починати е 8.736, а бројот на активни случаи изнесува 11.415.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

 

Поврзани новости