Кои се лекарите за кои маските се партали за уста, вакцините-ковид жиг, ПЦР тестовите непотребни?

by Fokus

Вкупно 38 посто од граѓаните во државата се вакцинирани со две дози на вакцини, покажува последниот извештај на министерството за здравство, со што се докажува дека интересот за вакцинација се повеќе опаѓа, а со тоа се продолжува и битката со опасниот ковид 19.

Заклучно со 17 ноември, вкупно се вакцинирани 818.689, додека ревакцинирани се 787.837, што не е доволно да се спречи ширењето на заразата, посебно во овој период кога почнува да се појавува и делта плус вирусот.

Како главни причини зошто дел од населението не сака да се вакцинира со ниту една од вакцините против ковид 19 е тоа дека вакцините се премногу брзо развиени, не се тестирани доволно добро, а како причина се наведува и тоа што на почетокот на вакцинирањето имало несакани ефекти.

Целата оваа ситуација ја искористија професионалните антиваксери и жестоки теоретичари на заговор, од кои некои имаат изградено и професионални кариери против имунизацијата.

Социјалните мрежи вријат од коментари против ковид 19 и против вакцинирањето и тоа од лекари, кои креираат цели антиваксерски кампањи. Тоа што е најстрашно, овие лекари тераат цели пропаганди против имунизацијата и тоа во време на најстрашната пандемија во историјата на државата.

МАСКИТЕ СЕ ПАРТАЛИ ЗА УСТА

Една од нив, која секојдневно на својот приватен фејсбук профил дели лекции дека опасниот вирус не постои и дека граѓаните не треба да се вакцинираат, е доктор Јадранка Бибан, која во последните неколку години промовира кампања како преку здрав начин на живот и природен имунитет до подобро здравје.

Таа секојдневно „бомбардира“ со статуси тврдејќи дека универзумот треба да биде наспроти фабричкиот шприц, кој го нарекува уште и ковид-жиг, а маските ги нарекува партали на уста.  Исто така, редовно прави шеги на сметка на опасниот вирус од кој досега починаа повеќе од 7.500 граѓани.

„ На вакцинираните да им се закачат вакцинални менѓуши… не? По една менѓуша за секоја доза. Прва доза на лево уво, втора доза на десно и трета доза менѓуша на носот“, иронично пишува докторката Бибан.

Таа тврди дека маските се партали за уста:

„Ова со маскиве тури, вади, не може човек да каже дали е смешно, дали е репресивно или е ретардирано, но многу е јасно дека е појава на Зона на самракот“додава Бибан.

Од друга страна, тука е и доктор Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на приватните матични лекари, која упорно води кампања против ковид пандемијата во државата. И таа на социјалните медиуми пишува дека лудилото продолжува, а пациентите здрави вакцинирани, за да одат на операција излегуваат позитивни.

„До кога со ПЦР тестирања. Ние сите ги примаме без ПЦР тестови. Бидејчи превенцијата е пола здравје и цело време слушаме само за корона, ние професионалвите кои работиме 30 години и секојдневно откриваме карциноми на дојки и дебело црево – енормна е инциденцата.

 

Наместо ПЦР секој ден најтопло препорачувам превентивно за оние што ги носат мерките во светотв трипати колоноскопија да им се прави неделно – Превентивно – пишува доктор Чолакова.

ВАКЦИНИТЕ СЕ СМРТОНОСНИ

Во последните десетина година како најголема поборничка против вакцинирањето е доктор Слаѓана Велков, која во неколку јавни настапи истакна дека вакцините се смртоносни и дека доведуваат до тешки заболувања. Таа беше и една од говорничките на последниот протест во Скопје против мерките за заштита од вирусот.

„Вирусот не постои, јас пијам од шише, а не знам чие е, јас сум лекар, нема ковид“, тврдеше на протестот Велков.

Таа во интервју во 2014 година објаснува дека вакцинирањето е најопасната медицинска пракса во историјата на класичната медицина, па дури 70 отсто од денешните болести, според неа се резултат на вакцинацијата. Велков подолг период беше една од идолите на антивакциналните здруженија.

При крајот на 2015 година, српски „Блиц“ објави дека во Јавното обвинителство и полицијата се пријавиле десетина лица кои ја обвиниле, како што пишуваше, македонската надрилекарка за шарлатанство и лажно претставување.

За ваквите случаи досега неколку пати реагираа од Лекарската комора, но сепак надлежните институции не преземаа никакви конкретни мерки.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости