Едно лице е приведено по тепачка во Шуто Оризари, МВР ги утврдува причините

by fokus

Од Министерството за внатрешни работи велат дека од отворањето на гласачките кутии до сега нема посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, а поврзани со одржувањето на вториот круг од локалните избори. Инцидент сепак е пријавен во Шуто Оризари каде граѓанин пријавил дека бил нападнат од повеќе лица.

-Едно лице е приведено и се работи на расчистување на случајот како и на причините поради кои дошло до тепачката – изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Инцидентот се случил на улицата „Метохијска“ утринава во 10.00 часот. Претепаното лице се движело со возило по улицата кога било пресретнато од друго возило. Група на луѓе излегле од возилото и го нападнала, велат од МВР.

Од неправилности Министерството регистрирало три случаи на фотографирање на гласачкото ливче. Еден таков случај е пријавен во Шуто Оризари, друг во населбата Црниче во Скопје, и трет во Пробиштип.

Од МВР апелираат до граѓаните да не ги фотографираат гласачките ливчиња затоа што, велат, тоа е спротивно на законите и дека ќе следуваат санкции. Им порачуваат на партиите да се воздржат од било какви инциденти.

Поврзани новости