Двоецот Ахмети-Груби или двајца вмровски министри – кој барал амнестија на Груевски од Пендаровски?

Неделникот „Фокус“, повикувајќи се на владини извори, објавува дека амнестија на Груевски од Пендаровски побарале и еден поранешен министер за здравство и еден поранешен вицепремиер за евроинтеграции во владите на ВМРО-ДПМНЕ, од каде пак тврдат дека тоа го правеле Ахмети, Груби и други највисоки претставници на власта.

by Фокус

Иако официјално беше потврдена информацијата на „Фокус“ дека претседателот Стево Пендаровски одбил барање да го помилува поранешниот премиер Никола Груевски, сепак, остана нејасно кој точно или кој се го побарал тоа него.

Пендаровски потврди дека бил консултиран за помилување на Груевски: Не би го направил тоа никогаш!

На едно неформално ниво пред 7-8 месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност (помилување на Груевски), што мислам за таа можност, и реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава – рече Пендаровски на „Трилинг“.

Откако опозицијата побара да открие кој точно барал од него амнестија на Груевски, Пендаровски возврати дека  „политички и безбедносни структури блиски до опозицијата преку посредници му упатиле предлози да размисли за помилување на одредени политичари или да поддржи закон за амнестија на актуелни или поранешни политичари“.

Последниот број на неделникот „Фокус“, повикувајќи се на владини извори, објавува дека тоа од него го побарале еден поранешен министер за здравство и еден поранешен вицепремиер за евроинтеграции во владите на Груевски, кои не биле дел од т.н. „Мериот-коалиција“ поврзана со Сашо Мијалков, но, исто така, имале забелешки за лидерството на Христијан Мицкоски.

Дополнително, според истите извори, такво барање до шефот на државата доставиле и безбедносни структури, кои важеле за блиски до еден висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, по судирот, сите партиски функционери и органи му изразија лојалност на Мицкоски.

Во меѓувреме, сосема поинаку тврдат од опозицијата. На пример, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во гостувањето на ТВ Шења ги посочи лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговата десна рака Артан Груби дека биле на средба со Пендаровски, заедно со други претставници на власта.

Целта е ВМРО-ДПМНЕ да има помалку пратеници за да биде уценувано за формирање идна влада, да се прават некакви широки коалиции и амнестии на криминалци или да бидат изгласани овие уставни измени по бугарски диктат. Во тоа е вклучен Груевски… – рече Николоски.

И пратеникот Изет Меџити, кој до вчера беше висок функционер на ДУИ, но формираше нова партија и се здружи со Беса и Алтернатива на Биљал Касами и Африм Гаши, тврди дека високи експоненти на ДУИ барале амнестија за Груевски на 1 април – Денот на НАТО.

Меџити се коригира: Експоненти на ДУИ барале амнестија на Груевски на Денот на НАТО!

На денот на НАТО високи експоненти на ДУИ бараа и го молеа претседателот по секоја цена да го врати Груевски доколку сака земјата да има перспектива – изјави во гостување на ТВ 21, додавајќи дека оваа власт е во спој со Груевски, но не, како што рече, за интеграции и за стратешки прашања, туку да ги затворат кривичните дела.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости