Дури 142 лица од Тиквешко починаа од последици на корона вирус од почетокот на пандемијата!

by fokus

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата со корона вирус до завчера (сабота) во Тиквешко починале 137 лица, инфицирани со Ковид-19.

Дури 95 од починатите се од Кавадарци, 34 од Неготино и осум од Демир Капија.
Вчера пак, починаа уште тројца пациенти од Кавадарци и двајца од Неготино, кои се уште не се внесени во извештајот, а со кои бројката на починати изнесува 142, односно 98 од Кавадарци, 36 од Неготино и осум лица од Демир Капија.

Тиквешијата и натаму останува ковид жариште, а бројот на активни случаи според вчерашниот извештај на Министерството за здравство изнесува дури 1.265 случаи, и тоа 742 во Кавадарци, 441 во Неготино и 82 во Демир Капија.

Според последниот, завчерашен извештај од Институт за јавно здравје, во Тиквешко од почетокот на пандемијата се инфицирале 6.596 лица, од кои 4.361 од Кавадарци, 1.886 од Неготино и 349 од Демир Капија. Кога на овие бројки ќе се додадат и случаите кои беа регистрирани во тек на вчерашниот ден, и тоа 23 во Кавадарци, 11 во Неготино и два во Демир Капија се добива бројката од 6.632 граѓани кои досега се инфицирале со вирусот.

Во Неготино и во Кавадарци се регистрирани случаи кога брачни сопружници починале од вирусот, но и два случаи кога од последици на Ковид-19 битката за живот ја изгубиле по двајца браќа.

Во тек на вчерашниот ден во ковид центарот во Кавадарци се сместени 69 пациенти, и има 26 слободни места.

Вики Клинчарова

Поврзани новости