Довербата на Украинците во Зеленски опаѓа по скандалот со антикорупциската агенција

by irena 19:38
19:38

Довербата на Украинците во претседателот Володимир Зеленски опадна од 65% во јуни на 58% на почетокот на август, според новото истражување на Меѓународниот институт за социологија во Киев (KIIS) објавено денес, објави The Kiev Independent.

Анкетата започнала на 23 јули, еден ден откако Зеленски потпиша контроверзен закон со кој украинските антикорупциски агенции беа ставени под надлежност на Генералниот обвинител, кој пак е под контрола на Зеленски. Овој потег предизвика масовни протести, остри критики од странство и обвинувања дека администрацијата на претседателот ги загрозува реформите.

Под јавен притисок и предупредувања од Брисел, Зеленски потпиша нов закон на 31 јули со кој се врати независноста на Националното биро за борба против корупцијата (NABU) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (SAPO).

И покрај враќањето во нормала, скандалот очигледно му наштети на рејтингот на претседателот. Уделот на граѓаните кои не му веруваат на Зеленски се зголеми од 30% во јуни на 35% во август, при што вкупниот биланс на доверба падна од +35% на +23%, говорат анкетите.

„Причините за падот на популарноста на Володимир Зеленски, за жал, се сосема јасни: тој и неговиот тим не ја разбираат директната врска помеѓу проширувањето на овластувањата и зголемувањето на одговорноста“, изјави украинскиот политички аналитичар Евгениј Махда за Kyiv Independent.

Махда додаде дека јулските протести биле „првите јавни протести од почетокот на руската инвазија“ и дека тие „го скршиле табуто за вакви дејствија во иднина“.

Според него, Зеленски не треба да смета на лесна победа на следните претседателски избори, кои според законот можат да се одржат само по укинувањето на воената состојба, додека неговата партија Слуга на народот „може целосно да исчезне на следните парламентарни избори“.

Слични вести