Досега пријавени се 11 кандидати за претседател, вели Даштевски

by Фокус

Досега се пријавени 11 кандидати за претседател на државата, Вело Марковски, Билјана Ванковска, Томе Николовски, Бујар Османи, Господин Поповски, Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски, Арбен Таравари, Ѓорѓи Манасков, Мерсиха Смаиловиќ и Зорица Цветковска, а доставена е и една пријава за независен пратеник, информира вечерва претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Според него, утрово во 8 часот сите места за собирање потписи биле отворени. Досега, како што рече Даштевски во „Топ тема“, до ДИК не се доставени никакви забелешки за несоодветни услови од кандидатите кои собираат потписи.

-Утрово во 8 часот сите места за собирање потписи беа отворени, работеа сите. За овој процес се подготвуваме многу и ги преземавме сите мерки. Имаме донесено Правилник за регулирање на постапката за собирање потписи кој може да се најде на веб страницата и да се прочита. Имаме дадено и наредба на вработените, ако не може немоќно лице да се качи, вработениот да се симне – рече Даштевски во врска со денешните поплаки на некои од партиите околу условите за собирање на потписите.

Во врска со Алијанса за Албанците и пријавувањето на оваа партија за претстојните парламентарни избори, претседателот на ДИК објасни дека ќе се бараат потребните документи и од Судот и од Централниот регистар.

-Ќе постапиме според закон кога ќе биде пријавувањето во ДИК за изборите. Ќе побараме документи и од Судот и од Централниот регистар, таму има која е вистинската партија и тука немаме дилема – подвлече Даштевски.

Поврзани новости