Докторе, немој да се случи да се отвори депонија во Неготино, а ти во исто време да си отвориш модерна ординација!

by Fokus

Изборот и вербата се на граѓаните, можеби не ме препознале, можеби не се спремни за таков метод. Но, не, не сум разочаран – за ,,Фокус” вели Љубе Темелков – Врга, носител на советничка листа во Неготино, од редовите на МААК, но и голем активист за заштита на животната средина. Тој освоил 177 гласа, но појаснува дека е задоволен.

-Сум учествувал во многу кампањи, имам големо искуство, мудрост, интелигенција – вели Темелков, кој во својата програма ветуваше отворање на радио телевизија во општината, над десет нови винарии, покриен пазар, сообраќајни решенија за поголема безбедност и нудеше решенија за проблемот со депонијата Дуброво.

Темелков со години наназад е познат во градот како еден од најгласните активисти против загадувањето и влез на загадувачки индустрии.

-Како загрижен граѓанин ќе продолжам со исто темпо како и претходните десет години. Ќе бидам гласен за секоја неправда, иако не успеав да влезам во Советот. За чисто Неготино сум, за транспарентност кон граѓаните, за расчистување на сите сомнежи околу секој доделен тендер, за разоткривање на секое незаконско дејство, без оглед за кого станува збор. Во текот на кампањата наидов на многу опструкции и не потклекнав. Ќе ја следам секоја постапка на избраните функционери која е од јавен интерес, без оглед кој е на власт, и гласно ќе укажувам на секоја неправилност – вели Темелков.

Додава дека и во времето кога ВМРО ДПМНЕ било на власт, а и кога дошол СДСМ, тој кон сите имал ист однос и барал транспарентност.

-Секогаш барав пристап до информациите од јавен карактер, од секоја локална власт, и за жал во Неготино транспарентноста е слаба страна. Сум приговарал, сум се жалел, одлично ги познавам законите и моите права како граѓанин. Ми се случи пред две години, кога инсистирав да добијам увид во документи од јавен интерес, во врска со најавената депонија за индустриски отпад, на крај, по многу упорни обиди, ми беше даден документ напишан на англиски јазик, што е спротивно законите. Тоа доволно кажува за коректноста и транспарентноста, за кои планирав најмногу да се залагам, доколку влезев во Советот – појаснува Темелков.

Имал средба со новоизбраниот градоначалник во Неготино, д-р Горан Стојанов од редовите на ВМРО ДПМНЕ, му ја честитал победата, но и му порачал да владее одговорно и да не ги заборави ветувањата дадени на граѓаните.

-Се сретнав со д-р Стојанов, кој вети дека нема да дозволи влез на загадувачка индустрија во градот, дека во Неготино нема да се дозволи отворање на депонии. Го потсетив на ветувањето и му порачав никогаш да не го изневери народот и да дозволи уништување на градот, на животната средина, на лозарството. Докторе, му реков, немој да се случи во Неготино да се отвори депонија, а во исто време и ти да си отвориш некоја модерна ординација, веднаш ќе знам дека си не продал. На шега му го реков тоа, ама во секоја работа кажана на шега, може да има и скриена вистина. Да не се дозволи уништување на градот, да владее правото и да има правда, тоа мора да биде целта на секој еден кој решил да владее – ни изјави Темелков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости