Доктор Беќаровски за Фокус: Олеснувањето на мерките е добро, но е сериозен епидемиолошки ризик познавајќи го нашиот менталитет

by Fokus

Пикот на овој досега најжесток бран е надминат, иако сме се уште далеку од комплетното смирување, вели за Фокус доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

-Скратувањето на полицискиот час, со оглед на зголемувањето на денот е оправдано пред се од психолошка гледна точка, но слободното движење за претстојните верски празници, лично го сметам за сериозен епидемиолошки ризик, познавајќи го менталитетот на нашето население. Ако во следните 30 дена успееме да имунизираме најмалку 200.000 граѓани мислам дека ќе ја спречиме можноста за нов голем бран, како претходните два, појаснува тој.

Доктор Беќаровски  по повод 1 мај денот на трудот упати и порака до граѓаните објаснувајќи дека докторите немаат повеќе сила за уште еден бран и да не се дозволи како што тој вели да се удавиме сега кога се надѕира копното.

-Се ближи 1 мај денот на трудот. Ако некој оваа чудна, непредвидлива и тажна година, максимално го вложи целото свое знаење, професионалност, труд, а за жал многумина и своите животи на своето работно место, тоа се вработените во сите Ковид центри во светот

Голем дел од нас дури и на овој празничен ден ќе бидат на своите работни места, во надчовечката борба за спас на Вашите комшии, пријатели, роднини, сограѓани. Не бараме аплаузи, не бараме награди, бараме само малку почит за нашите исусовски маки.

Во името на сите мои преморени колеги и здравствени соработници, најпонизно Ве замолувам, немојте во престојните празнични денови, повторно да ни го обесчестите целиот повеќемесечен деноноќен труд. Немаме повеќе сила за уште еден бран. Да не дозволиме да се удавиме сега кога се надѕира копното.

Само Вие со Вашето примерно однесување можете да спречите повторно да се разбранува немирното море, кое конечно покажува знаци на смирување.

Оваа година денот на трудот се поклопува со велигденските празници. Ние трудбениците Ве молиме, празниците прославете ги НАДВОР, под сјајното македонско сонце, а подалеку од било какви затворени објекти.

Секое собирање и групирање во затворени простори, неминовно ќе доведе до нови жртви, а вирусот не знае ниту за возраст, ниту за пол, нација, вера, класа, вели Беќаровски.

С.Т.

 

Поврзани новости