Дневна доза од пет минути омраза кон душманот, за розов поглед кон портокаловите реформи!

by Фокус 14:21
14:21

Текстот е објавен на 15-ти јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 837

Пишува
Јадранка КОСТОВА

- Advertisements -

Фејсбук и останатите социјални мрежи се повеќенаменска направија. Не само што служат за виртуелно дружење, ами се погодни да бидат како некаков „марксистички кружок“ кој крева револуции.

Скоро фанатичниот напор, пак, некој политичар или јавна личност да набие што повеќе обожаватели на својот профил, гледано онака овоземски, изгледа ступидарно до даска.

Оти, кој е системот на вредности кој ја запоседна транзицијата? Кои се идолите по кои мнозинството се далдисува? Тие ли се врвната вредност и доказ дека штом има повеќе фанови е најкул фаца? Или, штом го изгласало мнозинството, тогаш тоа е крај на приказната – сите треба да му се поклонуваат до земја, а секој негов збор алтан вреди, па мора да се восприема како Божји ЗАКОН!!!

Во оваа пригода нема да посегнувам по Хитлер или Милошевиќ кои во одредени периоди, преку волјата на мнозинството биле верификувани како врвна политичка вредност на германскиот, односно српскиот пазар. Да, сега онака трендсетерски ќе се послужам со Фејсбук вкусовите. За да не се налутат домашните ѕвезди, кои и погледот попреку ги навредува, па бараат десеттици илјади евра за санирање на душевните болки, јас ќе се послужам курнаски со егземплари од соседството.

Познатиот Нобеловец, покојниот писател Иво Андриќ има 20.000 фанови на ФБ профилот. Ако бројката ви делува импозантно, тогаш да демантирам, оти оној „талентот“ со будалаштината од песна – „Куча, посо“ – Екрем Јевриќ, има двојно повеќе од светски познатиот писател. Со дури три и пол пати повеќе обожувачи може да се пофали Кристијан Голубовиќ кого го сметаат за ѕверка од српското подземје, ама популарна до антички височини.

За блондинката Јелена Карлеуша велат дека има над 180.000 фанови, иако тешко е да се провери, оти треба да ја обожуваш за да ги добиеш деталите на увид. После сите овие бројки и букви, делуваше утешително што на ФБ профилот на Иво Андриќ некој потсети на визионерските мисли на нобеловецот: „Ќе дојдат такви времиња, кога паметта ќе замолчи, будалата ќе проговори, а фукарата ќе се обогати“! И, замислете, тоа сега се раскажува како виц!

А, тенденциите на „реформите“ во Македонија веќе се турбо посветени кон светата кауза – паметта да замолчи. Зошто, инаку, Груевци се толку сесрдно внесени да се замолчи сето она што не кореспондира со нивниот Манифест?! Далеку од тоа дека секој критичар на преродбата кипти од ум, но, основната мисија на секој мислечки човек е да се обиде да биде коректор на власта. Моќта е таа што опива, а моќниците без контрола се расипуваат до коска – ја дале дијагнозата од поодамна, и паталци и гаталци од сите меридијани!

Арно ама, на нашиве самонаречени преродбеници ем реформатори, не им е доста ниту сите критичари да ги поапсат, ниту на добар дел да им удрат катанец, ниту да ги сотрат од казни… Притоа, како ДДВ, на сите да им врзат и погрдни етикети како жолтата трака на Евреите, туку тие најбезобразно уште се повикуваат на институциите!? А, кој тоа, молам, ги има окупирано институциите? Кој ги контролира? Е, оние, де, што наеднаш се повикуваат на светоста на институциите. А, зошто не се крстеа во истите институции кога Бранко беше на власт? Или, сега тие ги просветлија до Божествена независност?!

Всушност, ме испровоцира една од реакциите на фамозниот Центар за комуникации на владеачката партија. Транспарентност Македонија искажа сомнеж во финансирањето на изборните кампањи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа за Центарот веднаш беше прогласено за дегутантно, оти Транспарентност ја водат соработниците на Бранко – Сашо Орданоски и Ванчо Узунов. Но, ќе бидат и широкради, бидејќи ќе ги повикаат „сите надлежни институции да направат длабинска и сериозна контрола на финансирањето на кампањите и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ“!

И сега ќе си дозволам да прашам: А кој ги раководи сите надлежни институции? Бранко, Грујо, или ѓоа паднати од небо – независни експерти?! Ако Орданоски и Узунов се ,фалични, заради блискоста со Бранко, зарем Зафировски и Димовска од Антикорупциска, Шврговски обвинителот, Неделкова од кривичниот суд се „објективна категорија“? Или, штом Бранко не ги има под свое, тие по автоматизам, па макар биле „зависници“ од преродбеничката мантра, се супернезависни ликови?

Од вакви ,институции, на кои им веруваат само вмровците, станува нормално да минат пет недели, а ниту истрагата за убиството на Мартин Нешковски да се прошири, ниту на „предавникот“ Љубе додека окапува во притвор – на сигурно што би се рекло, да му бидат презентирани „тајните снимки“ снимани од „загрозениот сведок“ со сите други детали! Која иронија на судбината! Во држава во која безмалку секоја јавна личност има чувство дека е снимана од полицијата, едно убиство и едно спектакуларно апсење на најжестокиот критичар на власта што се документира со снимки – од камерите на плоштадот и од загрозениот сведок – ете, не можат да се расплеткаат небаре се тоните хартии од Пајажината за разгледување!

Море, да живеат институциите, на кои Груевци се повикуваат! Ама, не дај Боже, да се најдете во нивна надлежност. Се разбира, доколку не сте „фан на реформите“. Инаку, сѐ би ви одело како подмачкано!

Нема да ме изненади доколку во наредниот период дојде до уште една реформа од Орвеловските визии.

Да добиеме Министерство за вистината, кое опфаќа неколку ресори – информации, забава, просвета и култура. Овде комотно може да се интегрира и Секторот за информации на Партијата. А, колку убаво звучи, пак, доколку ресорот на Гордана Јанкуловска се преименува во Министерство за љубов! Веднаш се разнежнувам, без оглед, нели, што тоа и во „1984“ било надлежно да го одржува законот и јавниот поредок. Ах, кога ќе удриш и некоја катадневна медиумска кампања: Министерството за љубов… итн. итн., важно е саде некои грандиозни „љубовни“ успеси да се редат!

Всушност, некои орвеловски „измишљотки“ веќе се преродбенички имиџ. Како се дразнело „пучанството“? Со фамозните „Две минути омраза“ против симболот на сите зла и предавства – Емануел Голдштајн, што по нашки би се именувало како Бранко Црвенковски. Дури, минутиве се надградија и проширија, па ние овде примаме по дневна доза – Пет минути омраза кон БЦ. Иако добива и конкуренција. Сѐ уште не можам да се соземам, колку уживанција, колку ниски страсти и сласти истурија на Фејсбук портокалово-зацрвенетите антички фанови на победничката партија од сознанието на 6 јуни, дека Велија и Љубе завршија под ист покрив во Шутка!

Да бидам искрена, што институциите се надевам дека ќе го имаат предвид, навистина ми звучи како врвна зафркација филосовската мисла на Црвенковски, дека народот е во право дури и кога греши. Зарем, по Фејсбук стандардите, нашиот Грујо според бројот на обожавателите – над 55.000, е меѓу Екрем Јевриќ и Кристијан Голубовиќ?!

Поврзани новости