Според поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, системот за прислушување во УБК никогаш не работел со полн капацитет, но според сведочењето на Звонко Костовски, имало ситуации кога системот бил блокиран, па се барало да се зголеми капацитетот на броеви.
Овие две различни тврдења денеска се слушнаа на рочиштето за случајот „Таргет и Тврдина“, односно за масовното нелегално прислушување.
-Системот никогаш не бил искористен со неговиот максимален капацитет, рече Мијалков.
Сведокот Костовски пак рече дека не е точно и дека капацитетот бил надминат, па дел од таргетите кои требало да се маркираат биле ставени на чекање.
-Беа испраќани дописи до Македонски телеком и до Ериксон да го зголемат бројот на над 2.000 броеви, рече Костовски.
Мијалков пред судот изнесе некоја своја пресметка, според која заклучи дека годишно се прислушувале од 300 до 400 броеви.
-Ако се прислушувале 8.920 броеви, за период од шест години, а дел од овие броеви биле ставени и само за тестирање, тоа значи дека годишно се прислушувале од 300 до 400 броеви. Вие рековте дека сте изнеле помалку 5% од разговорите, па дали е можно да се извади толкав материјал само од 300-400 броеви?, го праша обвинетиот Мијалков сведокот Костовски.
Костовски одговори кусо: „Можно е!“
Но математиката на Мијалков не се поклопува со онаа на обвинителството. Според СЈО, нелегално се прислушувани најмалку 6.000 таргети, односно броеви од ВИП и ОНЕ, без броеви од Телеком, од каде што не соработуваа со СЈО.
В.В.