Дизелот поскапе по скратена постапка

by fokus

Собранието го изгласа по скратена постапка Законот за зголемување на акцизите со што акцизата за дизелот се зголемува за три денари по литар. Од 72 пратеници кои гласаа, 47 беа „за“, а 25 „против“.

За време на собраниската дебата министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека и со тоа цената на дизелот останува најниска во регинот. Дебатата, инаку, ја следеа мал број пратеници присутни во собраниската сала, останатите се вратија на своите пратенички клупи пред да се спроведе гласањето.

Европската унија, рече Тевдовски, препорачува зголемување на акцизите на 0,33 евроценти, додека со законот цената се зголемува од 0,22 на 0,26 евроценти.

-ЕУ ова го препорачува и заради намалување на загадувањето кое го предизвикуваат овие горива. Со овие предлог измени ќе се остварат и дополнителни приходи во буџетот. Важно е што паралелно ќе се оди со зголемување на акциза на црвената нафта за три денари, затоа што ако се зголеми распонот меѓу дизелот и црвената нафта може да дојде до злоупотреби на црвената нафта – рече Тевдовски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на тоа реагираше дека поскапувањето ќе придонесе кон дополнитено оптеретување на давачките кај граѓаните.

-Граѓаните треба да плаќаат 31 милион евра дополително за пополнување на буџетот. Околу 25.000 камиони работат за транспорни претпријатија, тоа овие претпријатие ќе ги чини 26.000 денари повеќе годишно. Сте размислувале ли што ќе значи тоа за стопанството и зголемувањето на цените на производите – рече Мицевски.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, пак рече дека смешно и понижувачко е образложението дека зголемувањето на дизелот е како мерка против загадувањето. Оваа мерка, рече таа, не беше предвидена во предизборната програма на СДСМ.

Министерот Тевдовски реплицираше дека приходите во буџетот мора да се зголемат за да се исплатат долговите на државата.

-Има многу наталожени долгови од претходната власт. На пример помпезно отворената филхармонија, 20 милиони евра беше потребно да вратиме годинава, долг наследен од претходната власт. Мораме да размислуваме за мерки за зголемување на приходната страна – рече Тевдовски.

Тој потенцираше дека нема ризик од спирала на инфлација затоа што и во јануари годинава, рече, пазарот ја промени цената на горивата на дизелот и беше повеќе од три денари, а не се случија никакви инфлаторски движења.

Немате капацитет да ги приберите приходите, возврати Кузмановска.

-На денот кога ќе славите една година власт 1 милијарда и 500 милиони нови задолжувања. Енормно задолжување, а немаме нова активност за раздвижување на економијата – додаде пратеничката.

 

Поврзани новости