Одговорност, одговорност, одговорност

by Fokus

Информацијата на директорот на ФЗОМ за фалсификуваните лекови кои биле инјектирани преку паралелниот увоз во здравствениот систем до крајниот корисник – пациентите, доведе до вистинска паника. Многу пациенти се интересираат за безбедноста на нивното здравје од користењето на “фондовските лекови”. Овој скандал е уште еден силен удар за здравствениот систем. Довербата тешко се стекнува, а брзо се губи.

Затоа здравствените власти мора да инсистираат на одлучна, брза и ефикасна истрага на ОЈО. Мора да има одговорност за овој мегаскандал. Мора да има соодветна и сеопфатна казна за сторителите доколку се докаже нивната вина. Одговорност, а не соработка со актерите во овој скандал. Не смее да се дозволи експериментирање со здравството во кое експериментални заморчиња се пациентите, а докторите незнаејќи лекуваат со неквалитетни лекови кои им се сервираат од добиените тендери.

Крајно време е пациентот да се постави во центарот на вниманието на здравствениот систем. Време е да се прекине многугодишната прогресивна агонија на здравството. Време е владата да покаже одговорност, одлучност, посветеност но и надпартиски интерес за најскапоценото на секој граѓанин – здравјето. Од руините на сегашниот здравствен систем да изгради модерно, ефикасно и квалитетно Македонско здравство.

Пишува: Проф. Др. Спец. Антонио Георгиев, кардиолог

Поврзани новости