Директорката на ЈП „Лајка“, Петрушевска: Бездомните кучиња не се опасни, ќе им дадеме добар живот!

by Fokus

После повеќе од една година откако беше затворен, на средината на минатиот месец беше повторно отворен стационарот за бездомни кучиња на ЈП „Лајка“. Стационарот сега е целосно реновиран, има капацитет за згрижување на 100 кучиња, целиот објект е со подно греење, има дел за вдомување на кучиња, амбуланта, операциони сали, соба за интензивна нега, собата за постоперативен третман и карантински дел, а во дворот на стационарот направен е парк за кучињата.

Директорката на ЈП „Лајка“, Тина Петрушевска во интервју за „Фокус“ зборуваше за условите во стационарот и на кој начин ќе се третираат кучињата, со надеж дека ќе им се објасни природата на бездомните животни на луѓето.

ЈП „Лајка“  се темели на методата на заловување на нерегистрирани кучиња на јавни површини, без сопственик, нивен преглед во ветеринарната служба во прифатилиштето, привремено сместување во стационарот до нивно вдомување или враќање на локација од каде се заловени или трајно згрижување во прифатилиште регистрирано од страна на АХВ. Оваа метода на работа во овој момент е признаена од сите релевантни светски институции и се применува во земјите каде има пораст на популацијата на бездомните животни“, го започна разговорот Петрушевска.

Во изминатите години кај луѓето постоеше една глобална лоша слика за бездомните кучиња. Директорката вели дека ќе се потруди тоа да се промени во очите на народот.

Задача на ЈП Лајка е да го намали бројот на бездомни кучиња на улиците на градот Скопје, користејќи хумани методи, подигање на свеста за одговорно сопствеништво  како и да ги поттикне граѓаните да ги регистрираат, стерилизираат и вакцинираат своите домашни миленици. Приказната за проблемот со бездомните кучиња, нападнати и искасани граѓани не застарува со години, нашето прифатилиште ќе се труди во целост да ја промени оваа слика. Не само за поголема безбедност на граѓаните, туку и подобар живот и хуман третман на кучињата во Скопје“, вели таа.

Сепак, сведоци сме и на такви немили ситуации во кои луѓето откако ќе ги вдомат животните, ги малтретираат и ги враќаат повторно на небезбедните улици. Целиот тим на ЈП „Лајка“ ќе работи да се подобри свеста кај луѓето за да нема вакви ситуации.

Секогаш постоеле и за жал постојат неодговорни сопственици кои претставуваат една од причините за постојаниот пораст на напуштени животни.  Сведок сум на граѓани кои ги напуштиле своите миленици или пак оние кои наместо да помогнат во вдомување на бездомните кучиња ги малтретираат и повредуваат. Сметам дека ние како тим ќе застанеме одговорно зад оваа задача, со цел да се подигне свеста и едуцираат граѓаните во однос не само на напуштени кучиња, туку и во поглед на одговорноста што ја имаат кон своите миленици“, истакна Петрушевска.

Бездомните кучиња долги години се постојани жители во Северна Македонија и целосно решавање на ваквиот проблем не се наѕира. Но, дали луѓето ја знаат природата на кучињата и нивниот карактер?

Кучињата се несомнено најдобар пријател на човекот. Јас, како огромен љубител на кучињата, но и генерално целиот тим на ЈП Лајка, веруваме во тоа дека љубовта кон кучињата може многу да го промени човекот. Милениците без сомнение не прават поемпатични, поодговорни и потолерантни. Би сакале да ги охрабриме граѓаните да бидат поотворени во поглед на вдомување на бездомно куче, но не по секоја цена, а со тоа да им ја промениме погрешната перцепција и мислење дека бездомните кучиња се опасни“, посочува нашата соговорничка.

Долго време се одолговлекуваше отворањето на овој стационар, а Петрушевска вели дека состојбата со корона вирусот го потфатила и овој проект.

Стационарот се реконструираше благодарение на донации на општествено одговорни компании, како и со помош на дел од јавните претпријатија на град Скопје. Упатувам голема благодарност до нив за поддршката во изминативе месеци. Воедно ги охрабрувам сите оние што сакаат да ни се приклучат во нашата мисија да го сторат истото. Кога работите еден ваков огромен проект и кога се менува инфраструктура од темел нормално е да има одредени одложувања, но и кризата со Ковид-19 си го направи своето и дополнително го одложи отворањето на прифатилиштето“, смета Петрушевска, додавајќи дека истото ќе прерасне во центар каде што најмладите ќе се едуцираат за љубовта кон животните.

Според директорката, идеално би било секоја општина во рамките на своите можности да има свое прифатилиште каде кучињата би можеле да се задржат и подолго.

Процесот на вдомување на кучето од луѓето е сложен процес, во кој тие се обврзуваат да се грижат за вдоменото куче во наредните 10 до 15 години.

Секој граѓанин кој ќе сака да вдоми куче, пред се, ќе треба да пополни прашалник за вдомување, по што ќе разговара со стручно лице вработено во прифатилиштето за да се процени дали и колку вдомувачот е соодветен и би бил одговорен сопственик. Доколку се покаже дека вдомувачот е соодветен, истиот ќе оствари контакт со животното кое сака да го вдоми минимум два пати, да го посети прифатилиштето и да помине време со истото. Назначени вработени од прифатилиштето на ЈП Лајка ќе имаат обврска да го посетат вдомувачот со цел да се утврди дали истиот го чува соодветно и во согласност со Законот за благосостојба на животните“, го заврши разговорот Петрушевска.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости