Во идеално сценарио решение за спорот со името може да се постигне во наредните два до три месеци, а итноста за решение е диктирана од европскиот воз, порача шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за францускиот весник „Ла Кроа“.
– Се обидуваме да излеземе од ровот во кој се имаме закопано повеќе од дваесет години. Две европски земји кои споделуваат еден географски регион, треба да можат да најдат достоинствен начин кој ќе овозможи да се прави разлика меѓу нашата држава и регионот Македонија кој се наоѓа во Грција, без да се повреди идентитетот и достоинството на македонскиот народ, вели Димитров во интервјуто насловено „Македонија излегува од сенка“.
На прашањето што ќе направи македонската страна со многубројните националистички споменици во Скопје, Димитров истакна дека опсесивното свртување кон античките времиња не е здраво.
– Прибегнувајќи кон митовите, ги губиме младите генерации. Министерството за култура треба да одлучи што ќе прави со „Скопје 2014″ – Голем архитектонски проект на антиквизација кое го спроведе предходното националистичко мнозинство. Лично, би сугерирал да се организира голем светски уметнички натпревар кој би му дал смисла на сиот тој хаос во градот. По јавна дебата, скопскиот аеродром наречен Александар Велики на големо негодување од Грција неодамна беше преименуван – нагласи шефот на дипломатијата.
Во врска со солидарноста од страна на земјите кои беа дел од поранешна Југославија Димитров нагласи дека сега е време за надминување на расправиите.
– Дојде време ние на Балканот да ги оставиме нашите расправии – кој е најстариот народ, кој најмногу дал жртви и да ги засукаме ракавите за да инвестираме во економијата, образованието и здравството. Не сакам да звучам надмено, меѓутоа се јавува една нова енергија во регионот и таа нова динамика е делумно поттикната од Македонија – рече Димитров.