ВМРО-ДПМНЕ: Постои политички терор, а главно место има партискиот реваншизам

by fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека е најголема лага дека нема политички отпуштања. Од таму велат дека постои политички терор во кој главно место имал партискиот реваншизам.

„Секојдневно во стотици се бројат партиските отпуштени поради различно мислење и тука се отпуштаат и самохрани мајки, вработени во тешка материјална состојба и се поради политички определби. Република Македонија е единствена земја во Европа, во која вработени во администрација се бркаат од работа за пишан статус на Фејсбук, по примерот на најтоталитарните општества. Во исто време масовно се вработуваат партиски кадри, синови и ќерки на државни функционери без распишување на огласи, преку таканаречени договори за времено вработување, со цел нивниот работен однос за извесен временски период да се трансформира во редовен и така администрацијата да се наполни со партиски кадри“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата ја обвинува владејачката партија дека ги сруши сите стандарди со цел вработување на своите „партиски послушници“.

„Владата со новиот закон дрско го сруши мерит системот, кој го воспостави претходната влада тајно, шверцерски и без присуство на опозицијата. Со цел да создаде услови таканаречените шарени револуционери, без посебни квалификации да ги вработи. Наспроти розевата слика во интервјуата денес во Македонија со владата на СДСМ се казнува некој различно да мисли. Манчевски лаже како што Заев лаже и за бројката на вработени административци. Бројот на вработени во администрацијата е 128.722, како што призна и самиот Манчевски на прес конференција пред нецели три недели, а не 140.000, како што сега се обидува да манипулира со јавноста“, пишува во соопштението на најголемата опозициска партија.

Од таму бараат министерот Дамјан Манчевски и премиерот Зоран Заев да и се извинат на администрацијата зошто Заев ја нарекол катастрофална.

„СДСМ не спроведува реформи СДСМ ги загрозува реформите. Манчевски и Заев треба да знаат дека администрацијата која тие ја нарекуваат катастрофална им ја донесе безусловната препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ. Наместо напразно зборување, без факти, граѓаните очекуваат работа, тоа од СДСМ не го видоа. СДСМ потроши 11 месеци од животот на граѓаните, а не направи ниту една реформа или проект од значење зза граѓаните. Оваа ненародна власт мора да си оди. Граѓаните заслужуваат подобро“, соопштуваат од опозицијата.

Поврзани новости