Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во духот на транспарентноста и отчетноста пред сите граѓани, донесе одлука сите документи поврзани со службени патувања на сите вработени во МНР да бидат декласифицирани.
Со оваа одлука на Димитров се укинува претходното решение донесено од заменик министерот за надворешни работи од 14. февруари оваа година за класификација на сите документи кои се однесуваат на службени патувања на министерот и сите вработени во Министерството, како и сите службени патувања на лица кои се во делегација или во придружба на истата.
„Решението е производ на посветената заложба на Министерството за целосна транспарентност пред граѓаните и пошироката јавност на Република Македонија и отчетност за работата на Министерството и начинот на трошење на парите на даночните обврзници, без притоа да ја загрози сензитивноста или безбедноста на својата работа“, пишува во соопштението од МНР.