Ќе ја дозволи ли ВМРО-ДПМНЕ дебатата за реформи во рамки на партијата?

by fokus 21:07
21:07

Ако се земе предвид колку ВМРО-ДПМНЕ бегаше од дебати изминативе 11 години, тогаш прашањето од насловот е реторичко. Но, откако партијата премина од власт во опозицијата, на површина почна да излегува незадоволството на членовите. Или барем, на дел од нив. Дел од тие членови се и иницијаторите за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ кои јавно побараа реформи во партијата. Тие сметаат дека реформите мора да започнат од измени во Статутот на партијата, кој целата моќ на одлучување му ја дава на партиското раководство.

Иницијаторите бараат да се развие дебата за потреба од реформи во рамки на партиските тела за проблемите да се решат внатре во партијата и да нема потреба тоа да се прави во јавноста за да не и се наштети на самата партија.

- Advertisements -

„Фокус“ се обиде да добие став од ВМРО-ДПМНЕ, односно од нејзиниот портпарол, Иво Котевски, дали партијата ќе ја дозволи таа дебата. Но, Котевски избегна да даде директен одговор на тоа прашање.

-Партијата веќе реагираше на настапот на неколкутемина членови. Слободно може да се повикате на соопштението, беше одговорот на Котевски.

Во соопштението се вели дека реформи може да се предлагаат според партиската процедура, со обраќање до соодветните партиски тела „кои секогаш сослушувале какви било иницијативи и предлози“. Но, во истовреме, во соопштението иницијаторите за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ се нарекуваат „самопрогласени реформатори“ и „луѓе кои немаат ниту кредибилитет, ниту капацитет да бидат реформатори“.

Всушност, прашањето од насловот на овој текст ја отсликува моменталната состојба во ВМРО-ДПМНЕ: за се што се случува во партијата треба да се бара дозвола од неколку луѓе од врвот, а ВМРО-ДПМНЕ се идентификува единствено со раководството, а не и со членовите.

Катерина Смилева

Поврзани новости