Димитриевски: Македонија во моментов се трансформира во приватна држава

by Fokus

„Живееме во екстремно централизирана држава каде што локалните власти немаат големи можности за да манифестираат и реализираат сериозни проекти бидејќи парите генерално се централизирани во државата, а централната власт максимално од ден во ден ги злоупотребува со голем број на афери коишто се секојдневие и сметам дека треба да се влезе во процес за да се ослободи државата. Македонија во моментов се трансформира во приватен облик на владеење, приватна држава”, изјави денеска градоначалникот на Општина Куманово, лидерот на новиот политички субјект ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Според него, загрижувачки е фактот што Македонија како држава се претвори во апартхејд и токму поради начинот на владеење од актуелните политички структури.

„Гледате дека сега во последниот период се употребува зборот апартхеид, Македонија всушност живее во еден политички апартхеид каде што политичката елита којашто владее и е на власт во моментов, всушност ги ужива сите права, додека сите останати не ги уживаат истите права како и власта”, дополнува тој.

Тој истакнува дека неговите ставови се левичарски, особено во делот на економските и социјалните политики во државата, а што се однесува до националниот пристап, порачува дека тие одат кон центарот, повремено и десно, бидејќи како што вели, на никој не му е забрането да биде патриот.

„Тоа што некои го изедначуваат патриотизмот со национализам е нивен проблем. Мојот став е дека сме Македонци со свој јазик, историја и култура. Елементарната поставеност на ЗНАМ ќе биде на крушевските и асномските корени и тоа е суштината за постоењето на оваа држава. Основната цел сега ни е да излеземе на следните парламентарни избори, да ја дадеме нашата политичка понуда на граѓаните, а крајниот епилог ќе го видиме на изборите и после тоа. Граѓаните ќе имаат можност да одлучат“ – порача Димитриевски.

Поврзани новости