Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев по повод големиот христијански празник Христово Воскресение – Велигден испрати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
-Ваше блаженство, дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Македонија и во дијаспората, да Ви го честитам најголемиот христијански празник Велигден и да Ви посакам величествено велигденско празнување, се вели во честитката од Димитриев.
Димитриев вели во овие убави велигденски денови нека надежта, почитта и љубовта кон нашиот спасител ја исполнат нашата душа и нека ги насочат нашите мисли кон препознавање на великодушниот подвиг и вистинските вредности во животот.
-Да празнуваме во мир и да се радуваме на големиот празник. Да бидеме чисти пред себе и пред нашиот Бог. Нека Бог е со нас, со нашиот народ и со нашата држава. Да ни дарува мудрост, но и единство, солидарност кое ни е потребно во овие мигови. Да се вратиме на патеките на напредокот и да продолжиме да градиме и создаваме заеднички и силно за нашата заедничка татковина, се вели во честитката на премиерот.