Интервју со Бранко Азески: 50 години бар код – клучна алатка на бизнисот

by Fokus

ГС1 Македонија е единствена организација овлaстена од ГС1 Глобалната канцеларија за доделување и управување со ГС1 бар кодовите на територијата на Македонија. ГС1 Македонија е членка од 1994 година, па следната година ќе прослави важен јубилеј – 30 години постоење. Годинава, пак, се одбележуваат точно 50 години од издавањето на првиот бар код. По тој повод, разговараме со извршниот директор Азески, кој вели дека бар кодот е една од клучните алатки без кои не може да постои каков било бизнис-процес.

ФОКУС: Кога ќе се спомне бар код, најчесто помислуваме на сликичка со линии и бројки, која „носи“ информации за цената на производот што го купуваме. Ние, во секојдневниот живот како да не сме свесни за нивната важност, што, всушност, ни кажува бар кодот?

АЗЕСКИ: Најпрво да го разбиеме најпопуларниот мит околу бар кодовите. Тие во себе не содржат информација за цената, туку тоа е еден вид „матичен број“ за производот, кој важи секаде во светот.

Секоја земја има свој број на бар кодот и тоа се првите две до три цифри. На пример, ако првите три цифри од бар кодот се 531, тогаш купувачот треба да знае дека производот е од македонско потекло. Потоа, следуваат цифри што ја означуваат компанијата што го доделила бар кодот, па следат оние што го обележуваат артиклот, а на крајот е контролниот број.

Би можело да се каже дека бар кодовите се најголемата јавно достапна тајна што постои во светот. Секојдневно милијарди луѓе доаѓаат во контакт со нив, милиони компании ги користат во нивното деловно работење и стотици милиони луѓе ги скенираат преку нивните мобилни уреди. А, сепак, широката јавност не е свесна за ваквиот систем и за неговото постоење, што укажува на еден факт – дека тој функционира перфектно и без проблеми.

Бар кодот е една од клучните алатки без кои не може да постои каков било бизнис-процес, а каква било трговска размена меѓу две земји би била речиси невозможна. Поради тие факти, бар кодот беше прогласен за еден од клучните откритија на 20 век според Би-би-си.

ФОКУС: Ако бар кодовите се матичен број на производите препознатлив низ целиот свет, тогаш кој ги издава? И како ние како земја сме дел од нив?

АЗЕСКИ: За издавање на бар кодовите е одговорна ГС1 Глобалната организација, со седиште во Брисел, а ние сме дел од неа. Во целиот свет има 116 национални организации. ГС1 Македонија е членка од 1994 година, па следната година ќе прославиме еден важен јубилеј – 30 години постоење. ГС1 стандардите биле дел од нашата економија уште од 1980-тите во поранешна Југославија, каде што, исто така, биле прифатени и применети во тогашното производство, што значи дека овие стандарди со децении се присутни на овие поднебја.

Можноста производот идентификуван со GS1 бар код да биде уникатен секаде во светот е предуслов за да може да се врши увоз-извоз. Тоа значи дека бар код доделен во Македонија може да се користи во САД, во Европа, во Африка, па дури и во Северна Кореја.

Има и еден интересен факт – ГС1 Глобалната организација е една од 4-те организации во светот, кои во своите редови ги имаат заедно Северна и Јужна Кореја. Таму каде што политиката затвора, економијата отвора. Тоа е во насока на она што го зборувам со години наназад, дека кога станува збор за бизнисот, треба да се избришат политиките, јазиците и различните субјективни мислења и стереотипи, бидејќи само така бизнисот може да прогресира. ГС1 бар кодот е уникатен јазик, кој го зборуваат сите земји во светот и тој е неопходен за ова глобално општество во кое живееме и кон кое се стремиме.

ФОКУС: Годинава се одбележува точно 50 години од издавањето на првиот бар код. Овој јубилеј ја потврдува важноста на глобалниот систем на стандарди.

АЗЕСКИ: Самата година на креирање на првиот бар код 1973 година е време на Студената војна, тензиите се на високо ниво, источниот и западниот политички блок речиси и да не комуницираат, а, сепак, ГС1 стандардите и ГС1 организацијата е прифатена и од двете страни. Во минатото, луѓето имале голема визија да се издигнат над дневно политичките случувања и да му дадат предност на бизнисот, за разлика од сега, каде што политиката го обликува секој сегмент на работењето на бизнисите.

Но, мотото на оваа 50-годишнина не е да се навраќаме назад и да зборуваме како било и како бар кодот предизвикал револуција во нашиот живот. Туку како ГС1 стандардите да се употребат за да ја направат следната револуција за следните 50 години.

ФОКУС: Кои се клучни услуги или стандарди што ги нуди ГС1 и како тие му помагаат на бизнисите во моментов?

АЗЕСКИ: Знаете, кога ќе ме прашаат за ГС1 организацијата, најлесен и најбрз одговор е да се каже – издавање бар кодови. Луѓето веднаш знаат за што се зборува. Но, ГС1 стандардите само почиваат на бар кодот, како основа за идентификација на производи и луѓе и развој на многу помоќни и поопсежни стандарди, кои ги модернизираат процесите во цели индустриски сектори.

ГС1 Македонија има широк опсег на услуги, кои го следат чекорот на развојот на технологијата и дигитализацијата. Секој од овие стандарди е лесно прилагодлив да одговара на цел спектар на индустриски гранки од производство и прехрана, транспорт и логистика, па сѐ до медицина.

На крај би ги потенцирал и пилот-проектите во медицината и во прехранбената индустрија за следливост на производот или лекот од потеклото на основните суровини до финалниот производ. Ваквите стандарди за следливост овозможуваат навремена контрола и брза реакција во случај на грешки, повлечна серија или изминат рок на употреба и широко се употребуваат во земјите околу нас, а постепено почнуваат да се прифаќаат и во нашата земја.

ФОКУС: Во разговорот веќе најавувате што може да следи во делот на дигитализацијата во оваа сфера, но што од ваша гледна точка е планирано да се случи во следната деценија?

АЗЕСКИ: Како што напоменав, ГС1 организацијата никогаш не гледа назад кон минатото, туку е секогаш во чекор со новите технологии и новите потреби и барања на бизнисите. Најмоќните фирми во светот се членови на Управниот одбор на ГС1 организацијата. И кај нас, најмоќните фирми се дел од Управниот одбор во рамките на ГС1 Македонија. Тие се оние кои директно од праксата ги воочуваат проблемите и ни ги пренесуваат, за заедно да ги решиме.

За следната декада имаме две зацртани цели: дигитализација на податоците за производите и како второ – миграција од 1D во 2D бар кодови. Ќе ви објаснам на кратко за двете цели. Првата цел за дигитализација на податоците е една од најклучните што постојат во овој период на бум на информации на интернетот. На пример, за еден вид на млеко од ист производител на интернет може да се најдат стотици различни информации за неговата нутритивна вредност, состојките, алергенсите итн. И проблемот веќе не е дали ќе се пронајде податок, туку да се одлучи кој е точниот.

Од таа причина, ГС1 организацијата има развиено систем во кој секоја членка ќе има можност да ги внесе податоците за своите производи, а ГС1 организацијата гарантира дека тие податоци се внесени од вистинскиот извор (односно производителот). Еден ваков светски каталог на податоци ќе биде уникатен извор на информации и ќе може да се користи во голем број сектори со голема примена. Меѓутоа за да се реализира вака крупен проект, потребна е поддршка од секоја компанија за да ги сподели своите податоци. ГС1 Македонија активно работи на тоа поле.

Втората цел е миграција од 1D во 2D бар кодови. 2D или дводимензионалните бар кодови веќе имаат широка распознатливост во нашата земја. Секој што видел или скенирал фискална сметка, веќе знае за што зборувам. Бар кодот што се скенира преку програмата Мој ДДВ е пример за дводимензионални бар кодови. Овие бар кодови, QR код и DataMatrix во себе може да содржат илјадници знаци, а со тоа и голем број податоци кои може веднаш да се достапни единствено со нивното скенирање.

Како што може да видите, и двете цели се во насока да му се помогне на бизнисите да освојат нови пазари – преку дигитализацијата на податоците и зголемената видливост, а воедно да се адаптираат и на новите начини на кои крајните потрошувачи пристапуваат кон купувањето (преку пребарувања и читање податоци на интернет).

ГС1 стандардите секогаш велам се како живо ткиво – константно се развиваат, се адаптираат и растат, со цел да може постојано да одговорат на новите предизвици со кои се соочуваат бизнисите и ГС1 Македонија заедно со компаниите да работи на надминување на истите.

Поврзани новости