Дигитализација на матични книги: Спорни тендери и сомнежи за трговија со лични податоци!

Случајот со контроверзните тендери за дигитализација на матичните книги го отвори „Фокус“ уште пред две години, по што прво Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави, а сега Антикорупциската комисија изрази сомнеж и за злоупотреба на лични податоци.

by Фокус

Откако „Фокус“ пред 2 години го обелодени случајот со спорните договори што Управата за матични книги ги склучи за дигитализација на матични книги, прво Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, бидејќи тендерската документација била изготвена во корист на компанијата „Новатек Инв“, а сега Антикорупциската комисија алармира дека постојат сомнежи за злоупотреба на личните податоци на граѓаните при реализација на овој и уште еден договор.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Имено, ДКСК утврди дека во тендерските постапки не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста, односно личните податоци на граѓаните при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката на личните податоци од страна на ангажираните економски оператори врз основа на договорите склучени со Управата за водење на матични книги.

Според антикорупционерите, при дефинирањето на условите се барале сертификати кои докажуваат квалитет на економските оператори за работа со класифицирани т.е. доверливи податоци и информации, но не и квалитет за собирање, контрола, обработка и пренос на лични податоци, кои не се класифицирани за да се сметаат за доверливи, туку подлежат на висока заштитна регулатива согласно со легислативата за заштита на личните податоци.

Изворниот код за пристап до податоците од матичните книги бил даден на USB, а примопредавањето е потпишано од вработен во Управата за водење на матичните книги на РСМ, како давател и од страна на економскиот оператор Новатек Инв како примател“, велат од Комисијата, додавајќи дека кај овој предмет постои висок ризик со тргување на лични подататоци.

Откако било побарано Агенцијата за заштита на личните податоци да изврши вонредна супервизија во Управата, со цел да се провери кој се имал пристап до скенираните документи за лични податоци, како тие биле чувани и дали биле заштитени, дали воспоставениот систем за нивна заштита бил ефикасен и дали се употребени за незаконски цели, Агенцијата извршила вонредна супервизија и констатирала дека има сериозни пропусти при дигитализација на матичните книги. 

Поточно, АЗЛП утврдила дека УВМК нема евиденција за хардверот, серверите и софтверските апликации на кои личните податоци се обработуваат, личните податоци се складирани на сервер без да може да се идентификува кој има пристап до серверот, економските оператори ги собирале податоците без придружба од службени лица, просторијата каде што се скенирале личните записи не била физички обезбедена, не може да се утврди идентитетот на лицето кое пристапило до софтверските модули каде што се внесени скенираните записи и личните податоци итн.

Освен тоа, Антикорупциска посочи дека постои сомневање дека тендерите се добиени како производ на незаконски влијанија. Тоа е поткрепено и со наоди на Управата за финансиска полиција, која поднесе кривични пријави откако објавивме дека тендер за дигитализација на матичните книги, во вредност од половина милион евра, го доби нова компанија формирана еден месец пред објавувањето на огласот за спроведување на тендерската постапка и само 3 месеци пред да го склучи договорот за јавна набавка како единствен понудувач.

Како што пишувавме, Управата во рамки на Министерството за правда на 21 јануари 2021 година објави оглас за јавна набавка за дигитализација на матичните книги. Според податоците од Бирото за јавни набавки, Управата на чело со директорот Бујар Дардишта на 1 март склучил договор со компанијата „Новатек Инв“ во вредност од 29,5 милиони денари или скоро 480 илјади евра, колку што изнесувала и проценетата вредност на набавката.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „Новатек Инв“ е основана на 9 декември 2020 година од страна на Лирим Фетаи, кој воедно е и управител на друштвото, чија главна дејност гласи „неспецијализирана трговија на големо“. Оваа новоформирана компанија била единствен учесник во тендерската постапка, која доставила понуда и потоа склучила договор во износ идентичен на проценетата вредност на набавката, која патем не била објавена во огласот.

Иако станува збор за нова компанија, која немала кога да оствари значителна економска и деловна активност и да собере компаниско искуство, сепак, Фетаи ни изјави дека заедно со неговиот тим имаат повеќе од 15-годишно искуство во областа на ИТ-технологиите во државава. Како резултат на ова искуство, посочува Фетаи, неговата компанија за два месеца успеала да склучи договори и да стане партнер на најголемите светски брендови, како „ДЕЛЛ“, „ИБМ“ и други.

Во целост ги исполнуваме сите барани критериуми, во спротивно не можете како економски оператор да ја поминете фазата на евалуација на понуди која ја прави Комисијата за јавни набавки. Сите потребни докази од технички аспект, софтверски, ИСО-стандарди и слично, кои беа предмет на услови, се доставени во електронска форма кај договорниот орган додека траеше постапката – ни изјави Фетаи, кој претходно долги години работел во друштвото за трговија со хардвер „ИТД Диструбиција“.

Инаку, „Новатек Инв“ како тукушто формирана компанија успеала да се квалификува и на крајот да склучи договор за јавна набавка од причина што во тендерската документација не биле поставени строги критериуми во однос на фирмите како правни лица, од типот на остварени приходи во период од неколку години и листа на реализирани проекти од одреден вид.

Во однос на ваквата ситуација, од Управата за матични книги ни одговорија дека конкретната јавна набавка се спровела со отворена постапка во која, како што нагласуваат, имале право да учествуваат сите заинтересирани економски оператори без оглед кога се формирани. Воедно, од таму истакнуваат дека овозможиле и странски компании да учествуваат во постапката.

Постапката се спроведува во согласност со Законот за јавни набавки и во однос на критериумите за овој вид набавка потребни се техничката и професионалната способност на економскиот оператор, односно кадрите со кои располага за реализација на набавката. Самата постапка со себе носи два вида на гаранција кои се неизбежни, бидејки се законски предвидени. Едната е банкарска гаранција на понуда со која секој економски оператор гарантира за сериозноста на понудата, и второто е гаранција за квалитетно извршување на договорот“, посочија од Управата.

Претходно, Управата склучила два договори за дигитализација на матичните книги, односно за скенирање на записи и внес на податоци со компанијата „Аукта“. Првиот договор двете страни го склучиле на крајот на 2019 година во износ од 6,7 милиони денари или 109.000 евра, а вториот во март 2020 година на сума од околу 22 милиони денари или над 357.000 евра.

И „Аукта“ била релативно нова компанија пред да го склучи првиот договор со УМК, со оглед дека е формирана на почетокот на истата 2019 година. И во првата и во втората тендерска постапка, оваа компанија, исто така, била единствен понудувач. На ист ден кога Управата го склучила договорот со „Новатек Инв“ за дигитализација на матичните книги, склучила договор и со „Аукта“ за набавка на софтвер од 11,5 милиони денари или 187 илјади евра, при што повторно имало само еден понудувач.

Инсталирањето и употребата на ваков софтвер ќе овозможи подобрување на ефикасноста во работењето на Управата“, ни одговорија тогаш од „Аукта“, додавајќи дека во изминативе години, особено на јавните набавки на кои се бараат софтверски решенија, се почесто има само понудувач поради, како што нагласуваат, сериозен недостаток на ИТ кадар.

Кога ја објавивме оваа сторија, постапка покрена Антикорупциската комисија, додека Обвинителството соопшти дека го следи случајот. Две години подоцна, реагира ДКСК дека освен што има сомнежи за злоупотреба на лични податоци, има сонмежи и за законитоста на тендерската постапка. Половина година претходно, пак, Финансиската полиција поднесе кривични пријави против против 3 физички лица и 1 правно лице за злоупотреба на службена положба и овластување.

„Првопријавеното лице, во својство на раководно лице во Управата за матични книги и второпријавеното лице – вработено во УМК, како лица што ги изработиле техничките спецификации и условите за квалитативен избор, поттикнати од третопријавеното лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице – „Новатек Инв“, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, во текот на 2021 година изработиле тендерска документација со дискриминаторски и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка на услуги за дигитализација на матичните книги и јавна набавка на компјутерска опрема, информираа од Финансиска полиција.

Оттаму потенцираат дека со така дефинираните дискриминаторски и несразмерни критериуми за квалитативен избор и склучениот договор со „Новатек Инв“,  реализирана е набавка на компјутерска опрема за потребите на Управата за водење на матичните книги по цени далеку повисоки од реално пазарните цени и на тој начин пријавените лица предизвикале штета на Управата за водење матични книги во вкупен износ од 2.836.260 денари.

Дополнително, прво и второпријавеното лице, поттикнати од третопријавеното физичко лице, во техничките спецификации за јавната набавка на услуги за дигитализација, предвиделе ставка за „техничка поддршка при процесот на внесување на податоци“ во висина од 359.507 денари месечен паушал, за кои услуги во моментот Управата имала склучен договор со друг правен субјект и на тој начин без да постои реална потреба кон Управата се фактурира за иста услуга два пати, еднаш од страна на „Новатек Инв“, и еднаш од страна на другиот правен субјект, со што е предизвикана штета на Управата за водење на матични книги во вкупен износ од 2.157.042 денари“, соопштија од Финансиската полиција.

Неодамна, пак, објавивме дека додека Обвинителството го истражува стариот, Управата за матични книги склучи нов договор поврзан со дигитализација. Станува збор за договор со компанијата „Кинг ИЦТ“ во вредност од 59 милиони денари или околу 960 илјади евра. Односно, се работи за рамковна спогодба, која треба да се реализира до исцрпување на предвидените средства во период од 9 месеци, кога треба да се скенираат и внесат околу еден милион записи од книгите на родени, умрени и венчани.

АРХИВА Како Управата за матични книги потроши над 1,5 милиони евра за хардвер, софтвер и дигитализација?

Поврзани новости