Џафери: Апсолутно не тактизирам со иницијативата за референдум од Апасиев

by Fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во вечерашното гостување во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма тврдеше дека постапува според Деловникот и неговите надлежности во врска со иницијативите за референдум кои ги поднесоа прво ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и Левица, а кои се поврзани со францускиот предлог за тргањето на ветото од Бугарија.

Откако Џафери еднаш му одговори на лидерот на Левица, Димитар Апасиев дека иницијативата треба да се коригира, тој тоа го направи и повторно ја достави до Собранието. На констатацијата дека целата оваа постапка трае повеќе од еден месец и на прашањето што тактизира за да одговори, собранискиот спикер тврди дека не е така.

„Апсолутно не тактизирм. Постапувам по она што ми е надлежност. Вам може да ви изгледа тактизирање“, рече Џафери.

Претседателот на Собранието одби да даде прецизен одговор дали веќе одговорил и дали ја отфрлил и оваа иницијатива како таа на ВМРО-ДПМНЕ повторувајќи неколку пати само дека „постапува“.

На претпоставката дека иницијативата е веќе отфрлена тој повторно одби да одговори.

„Нека остане во рамки на ваша шпекулација“, рече Џафери.

Во однос на заканите дека ако не биде прифатена иницијатива, опозицијата ќе настапи кон целосна блокада на парламентот, тој вели дека доколку дојде до тоа, тој нема да биде виновникот.

„Не сум јас епицентарот. Јас не се мешам во политички и партиски одлуки, која партија каква одлука ќе донесе. Ако мислат дека јас сум проблемот, нека покренат соодветна процедура“,вели Џафери.

Поврзани новости