Девет пожари подметнати за четири часа, тврди грчкиот министер за клима

by Fokus

Грчките пожарникари се уште се борат против неколку пожари, но и против силните ветрови и топлиот и сув воздух, во неколкудневно ширење на пожарот на североистокот на Грција и на периферијата на главниот град Атина.

Грчкиот министер за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикилијас изјави дека некои пожари во близина на Атина биле намерно предизвикани.

„Некои пиромани палат пожари, загрозуваат шуми, имоти и пред се човечки животи. Ова што се случува не само што е неприфатливо, туку е одвратно злосторство“, рече Кикилијас во изјава за грчката телевизија.

Според него, денеска во период од четири часа биле подметнати девет пожари во областа Авлона, во северното подножје на планина кај Атина.

Во пожарите минатата недела загинаа 20 лица, меѓу кои и две момчиња на возраст од 10 до 15 години, а властите веруваат дека жртви се бегалци кои дошле од Турција, пренесува АП.

Нивните тела се пронајдени во близина на кабина во опожарена шумска област во североисточна Грција.

Досега во битката со огнената стихија се повредени 60 пожарникари, потврди портпаролот на противпожарната служба Јоанис Артопиос.

 

Поврзани новости