Дескоска: Не е точно дека мора да поминат 60 дена по вонредната состојба за да има избори

by Fokus

Интересно е да се гледа како стравот од избори и свесноста за пораз на опозицијата на нив, тера некои луѓе да спинуваат најнеписмено и најнепрофесионално дека Венецијанската комисија препорачала дека треба да поминат најмалку 60 дена по престанокот на вонредната состојба за да може да се организираат избори, реагира на својот фејсбук профил министерката за правда Рената Дескоска.

„Тоа едноставно не е точно. Во извештајот од кој наведуваат фрагментарни делови, почетната раченица во делот за избори е дека “Не постои формално правило во меѓународното право кое ќе им забрани на државите да одржуваат избори или референдум дури и за време на вонредна состојба.” Понатаму извештајот реферира на различни уставни и законски примери од земјите за чии законодавста давале мислења, меѓу кои е и уставот на Грузија за кој велат дека позитивно се изразиле, кој устав предвидува дека после воена или вонредна состојба нема да се спроведуваат избори пред истек на 60 дена. Таков е грузискиот устав. Нашиот устав е поинаков и тој предвидува дека нема да се спроведуваат избори само за време на траење на вонредна или воена состојба, односно дека за време на воена или вонредна состојба се продолжуваат мандатите на пратениците и на претседателот на државата – пишува Дескоска. 

Според неа, одредбата од грузискиот устав не е задолжителен стандард на Венецијанската комисија, како што пофалбите кои ние ги добивме од Венецијанската комисија за законите во областа на судството не се задолжителен стандард за другите земји.

„Тие се нешто што другите можат да го земат како добри практики при измена на нивното законодавство. Така што исплашените од избори треба да знаат дека за нас задолжително дејство имаат одредбите на нашиот устав, а не на грузискиот. А дека пофалените одредби не мора да бидат применети во други држави го потврдува и првата страница на Извештајот на Венецијанската комисија на кој се повикуваат, а на која пишува: “Овој документ е компилација на извадоци превземени од извештаи/студии на Венецијанската комисија за вонредна или воена сосотојба и мислења за уставни одредби или закони за вонредна состојба на одредени земји… Оваа компилација треба да се смета само за рамка… Читателот треба да биде свесен дека повеќето од мислењата од кои извадоците се цитирани во компилацијава се однесуваат на поедини земји и треба да ја имаат во предвид специфичноста на ситуацијата таму. Цитатите не се нужно применливи на други земји…”
Ова веројатно на правници кои се “скарани” со математиката и логиката, не им е доволно јасно, но на било кој математичар – би требало да му е јасно дека не може да го користи како изговор за одлагање на изборите – пишува министерката за правда. 

Поврзани новости