Десет денари за „Симба“: ЕНЕРГЕТСКИТЕ ПИЈАЛОЦИ ПОЕВТИНИ ОД ОВОШНО СОКЧЕ!

by fokus 15:10
15:10

Откако пред три дена во Скопје, три деца од кои две на возраст од 12 и едно на возраст од 11 години, се затруле со енергетски пијалоци и завршиле на Детска клиника, темата околу тоа кој им продава забранети производи на малолетниците стана доста актуелна.

Имено, за продажба на енергетските пијалоци важат слични правила како и за алкохолот и цигарите, односно алкохолот е забранет за лица помлади од 18, а пак енергетските пијалоци за лица помлади од 14 години. Околу тоа, како продавачите ќе ги идентификуваат четиринаесет годишните деца, нема појаснување, со оглед на тоа што тие немаат лични карти и тешко може да им се утврди точната старост.

- Advertisements -

И на училиште со енергетски пијалоци

За да дознаеме кои се енергетските пијалоци кои што малолетниците најчесто ги купуваат, направивме мало истаржување во неколку „маалски’’ продавници. Дознаваме дека најпопуларен пијалок од оваа група  кај младите моментално е „Симба“ кој што се продава за само 10 денари! Најверојатно, популарноста и ја должи на ниската продажна цена, која што го прави подостапен. Друг пијалок кој што е исто така баран е „Биг Игл“ и се продава по цена од 20 денари за лименка.

simba2

Продавачите велат дека треба да се направат некои измени во законот, бидејќи тие од око не можат да ја одредат возраста на децата, па така и ненамерно може да направат пропуст и да заработат глоба од 8.000 евра во денарска противвредност.

И додека јавноста е поделена околу тоа дали се виновни продавачите или пак самите деца и родителите кои што не им укажале доволно за штетноста и забраната на енергетските пијалоци, не контактираше загрижена мајка, која што ни кажа дека нејзиното дете пред извесен период се вратило дома од училиште и се жалело на болки во стомакот и на забрзано срцебиење. По разговор со него, таа дознала дека за време на школскиот одмор, тоа заедно со уште едно другарче, конзумирало енергетски пијалок, купен во продавница во близина на училиштето. Таа веднаш ја информирала и мајката на другарчето, а потоа на децата им појасниле дека не смеат повеќе да купуваат енергетски пијалок.

Станува збор за деца на возарст од осум години, а пијалокот кој што самите го купиле е „Горска мечка’’. Мајката инсистираше да остане анонимна, и според неа, единствено решение е да им се збори на децата и да им се појасни дека всушност не се работи за безопасно сокче.

Според Законот за трговија, во сите продавници на видно место треба да е истакната забрана со димензии 20 х 50 см дека енергетски производ не смее да се продава на деца помали од 14, а алкохол и цигари на лица помали од 18 години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости