Демир Капија ќе добие три фабрики за марихуана и Aвантуристички парк: И покрај наследените долгови, со домаќинско работење се оди напред!

by fokus 10:56
10:56

Општина Демир Капија ќе добие три фабрики за одгледување и преработка на марихуана за медицински потреби, но и Авантуристички парк.

Градоначалникот Лазар Петров информира дека изминатата година, откако стапил на функцијата, посветил големо внимание на привлекувањето на нови инвестиции во општината.

- Advertisements -

-Во текот на измината година големо внимание посветивме и на привлекување на нови инвестиции. Во таа насока четири големи компании одлучија да инвестираат во нашата општина и истите во 2019 година ќе почнат со работа. Од нив три ќе бидат за одгледување и преработка на марихуана за медицински потреби и една фабрика за природно ѓубриво. Се очекува со реализацијата на овие инвестиции да се отворат минимум 200 нови работни места во нашата општина – соопшти Петров.

Исто така, тој информираше дека со цел да се промовира општината како туристичка дестинација, планирана е изградба на Авантуристички парк.

– Аплицирано е и се очекува одобрување на проект за изградба на Авантуристички парк Демир Капија, кој ќе придонесе за промовирање на општина Демир Капија како туристичка дестинација во регионот – потврди градоначалникот.

Во извештајот по повод една година стапување на функцијата, тој им се заблагодари на граѓаните за довербата, и порача како бил свесен дека ќе се соочи со финансиски проблеми и долгови на општината, но не очекувал дека висината на тој долг може да биде толку голема за една мала општина како што е Демир Капија.

– По извршената финансиска ревизија беше утврдено дека покрај реалните побарувања општината има превземено и многу нереални обврски и со тоа висината на краткорочниот општинскио долг изнесуваше:
– Обврски кон добавувачи – 47.376.910,00 денари
– Обврски кон вработени по основ на плати и надоместоци за плати на износ од 2.679.177,00 денари
– Обврски по основ на неисплатени хонорари на членови на Совет на Општина со вкупен износ од 962.504,00 денари
– Обврски кон физички лица по основ за експропријација на недвижности во вкупен износ од 929.670,00 денари
– Обврски по основ на позајмица од Влада на износ од 2.000.000,00 денари.
При извршеното ревидирање на некои од веќе реализираните проекти и проекти чија реализација сеуште трае, дојдов до сознанија дека за ниту еден од овие проекти не е отпочната нивната исплата – извести Петров.

За изградбата на новиот градски плоштад и уличното осветлување, чија вредност е 38.162.004,00 денари, тој дошол до констатација дека отплатата за истите треба да започне во 2019 година, односно на исплатата и претходел грејс период .
На сличен начин била отпочната и реконструкцијата на домот на културата „Мирка Гинова“, проект чија вредност изнесува 30.000.000,00 денари, а чија реализација е во тек.

-Јас имам должност да ви ги предочам сите овие факти бидејќи голем дел од овие проекти се реализираат со вашите пари и никој нема право да си препишува заслуги, а притоа да ги одлага обврските кои произлегуваат од самата реализација на проектите. Никој нема право да го отуѓува општинскиот имот на своја рака, а уште помалку да го присвојува истиот. Законите треба да важат за сите подеднакво. Секој оној кој се огрешил пред законот мора да одговара без оглед на тоа дали е функционер или не. Раката на правдата е долга и кога –тогаш допира до секого кој го прекршил законот иако многумина се сомневаа во тоа – вели градоначалникот.

Пред него, во Демир Капија четири мандати по ред градоначалник беше Трајче Димитриев од ВМРО ДПМНЕ. Пред околу две недели, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против Димитриев и уште три лица, осомничени дека продале општински објект реновиран со пари од ЕУ.

Сепак, и покрај наследените долгови, Петров вели дека со одговорно и домаќинско работење и со наменско трошење на финансиските средства со кои општината располага, Демир Капија може да прерасне во место кое ќе биде атрактивно и погодно за живеење.

Покрај најавените нови инвестиции како што се Авантуристички парк и три фабрики за одгледување и производство на марихуана за медицински потреби, и фабриката за природно ѓубриво, во општината се реализирани голем број на проекти.

Асфалтирање на регионалниот пат до село Клисура во дожина од 1 км со кое е опфатена и улицата Наум Наумов, асфалтирање на регионалниот пат Демир Капија – Неготино кој минува низ село Бистренци со должина од 3 км, тампонирање на улиците во селата Бистренци Корешница и Прждево со вкупна должина од 7 километри, изградба на канализациона мрежа во с.Чифлик во должина од 500 метри, набавка на 35 поцинковани контејнери за комунален отпад и 920 пластични канти за комунален отпад кои ќе бидат распределени по селата на територијата на општина Демир Капија и општината, се дел од реализираните активности.

-Во тек е проект за изградба на нов резервар за вода од 200 м3 за водовод во с. Корешница чија цел е обезбедување на почиста вода за пиење на месното население. Преку реновирање на кровната конструкција реконструирано е подрачното училиште во с. Корешница.

Одобрен е и проект за адаптирање на веќе постоечки простории за детска градинка во истото село, чија реализација ќе започне на почетокот од 2019 година.
Добиен е проект за создавање услови за ново сообраќајно поврзување со автопатот Е-75 преку доизградба на анекс на клучка во соработка со центарот за развој на Вардарски плански регион на износ од 5.436.069,00 денари – извести Петров.

Вики Клинчарова

Поврзани новости