Делфина ќе застане на нозе – српските медиуми јавуваат дека Арнериќ е во стабилна состојба

by Fokus

Српската актерка Неда Арнериќ (66) е во стабилна состојба, откако синоќа без свест била пронајдена во нејзиниот стан и пренесена на клиника – јавуваат медиумите од соседството.

Според пишувањата, таа е сместена на Војномедицинската академија, а причината за лошата состојба била недозволена комбинација на лекови и алкохол. Веста дека омилената актерка на екс Ју просторите е во лоша состојба одекна во регионот.

Жената која влезе во светот на филмот со свои 13 години, и сними голем број на играни филмови, претставува важен лик во македонската кинематографија. Во 1977 година таа ја одигра култната улога во филмот ,,Исправи се Делфина” кој беше инспириран од вистински настан, препливувањето на каналот Ламанш на македонската маратонска пливачка Атина Бојаџи. Филмот на режисерот Александар Ѓурчинов, каде во главните улоги покрај Арнериќ се појавуваат и Диме Илиев, Дарко Дамески, Столе Аранѓеловиќ и други, освои голем број на награди и признанија, не само во тогашна Југославија, туку и на меѓународно ниво. На Неда и ги донесе наградите ,,Сребрена арена” за главна женска улога на фестивалот на југословенски игран филм во Пула и „Царица Теодора“ за најдобра женска улога на Филмскиот фестивал во Ниш.

Во филмот кој го опишува животот на Атина Бојаџи до септември 1969 година, односно до нејзиниот најголем успех во кариерата, се појавува и самата Бојаџи, во сцената при излегувањето од водите на Ламанш. Освен по бројните улоги и актерски остварувања, Арнериќ секогаш била интересна за јавноста и со својот приватен живот.

Пред три години лекарите и го спасија животот, откако падна од третиот кат на својот балкон и се здоби со тешки повреди. Тогаш се пишуваше дека наводно извршила обид за самоубиство, поради лошата здравствена состојба на нејзиниот сопруг, хирургот Милорад Мештеровиќ. Нејзиниот сопруг починал во декември 2018 година, по долгата борба со ракот. Заедно поминале 35 години, а актерката често изјавуваше дека тој е нејзината најголема љубов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости