И голи да се соблечеме, маските ќе ни останат

by Fokus

Пишува: Тања Алексиќ

И ние маска (мазга) за трка имаме! Колку сакаш маскаради и паради по институциите, а не се театри, ниту бразилски или вевчански карневали, за да се  симне лудилото од лицето по  претставата и забавата.

Овие,  институционалните маски, сраснати длабоко под дебелата кожа, сепак се флексибилни за рутинско вадење кога се менува дресот кон тимот што победува. Е тоа е впечатливиот маскараден дрес код на политичката елита, неколку полтронски маски под пазуви како „кец од ракав“, за да се остане во игра.

Политичката маска е впрочем хибридна мазга, биполарен сурогат на две во едно, едното контра другото, а најретко маски со чист идентитет. Така најчесто и маските имаат лице и опачина, морална двосмисленост, како измислениот лик на проф. Сириус Снејп во романите Хари Потер, една маска однапред, друга отпозади.

Психолошки анализирано, личниот антагонизам на авторитетите е сериозен внатрешен конфликт, кој се рефлектира врз поединци од нивната околина, но и во општеството.

Заличуваме и на античките театри, не дека ни е историски близок далечниот антички период (блискодалечни контрадикторности на антиквизацијата, кои скапо нѐ чинеа), туку дека во античките театри, драмското дејство се поставувало во амфитеатри, отворени кон небото, за да може да допрат до боговите.

Нашето општество станува отворен театар, комедија дел арте, светот кога нѐ гледа може или да тагува или да се смее, во зависност од видот на драмското дејство. Актерите, едни исти, па исти, само  менуваат маски за подобро препознавање на нивниот лик и дело, веќе предодредени од „боговите“ за подобра игра.

Ние сѐ повеќе сме актерите од серијалот „The Hunger Games“, научнофантастични филмови според романите на авторката Сузан Колинс  Боговите „не играат“ за нивно лично задоволство и катарза. Но, и катарзата на Аристотел од неговата „Поетика“ во ова ново време на хибриди има ново толкување, нова милениумска маска.

Маската не е веќе во рамките на театрите, каде што трагедичните ликови и настани се глумат, а гледачот доживува катарза или прочистување, продуховување. Сега гледачите носат маски.

Терминот хибрис, кој  Аристотел го толкува како непочитување на традиционалниот морал, според него, е причина за несреќите во трагедиите на Софокле. Светот денес доживува катарза и се „прочистува“, само кога гледа реални крвопролевања, страдања, масовни трагедии, дури и кога се лажни вести и небулози.

Во таквиот свет на изместени вредности, на „лицата“ на традициите и моралот понекогаш сите ја ставаме Хамлетовата маска на лудило, прашувајќи се дали е нешто гнило во државата наша, или во соседствата?

Во овој маскараден свет, тој што е нормален, веќе е ненормален, па и голи да се соблечеме – маските  ни остануваат. За крај, ќе поентирам цитирајќи го дедо Наум,  митрополитот струмички :

„Прашањето е: преку маска до личност или преку маска до безличност?
Не бидете сигурни дека правилно сте го сфатиле текстот, и тој е маска – не знам сѐ чија.“

 

Поврзани новости