Стефановска се расплака во судница: Срам ми е што сум тука, јас сум достојна личност!

by fokus

Анета Стефановска, една од обвинетите во случајот „Титаник 2“, како член на Државната изборна комисија (ДИК) денеска го даде својот завршен збор.

Додека зборуваше дека работела секогаш по закон и лично убедување, Стефановска во еден момент се вознемири и се расплака.

-Во мојата работна кариера немало ниту една грешка. Затоа не знам зошто суд денес тука. Тоа гласање не оставило некаков впечаток, дури и не се сеќавам како сум гласала, бидејќи секогаш сум гласала по закон и по сопствено убедување. Еве тука се сите, нека каже некој дали ми влијаел како да гласам, рече Стефановска.

Таа продолжи да го убедува судот дека не сторила ништо погрешно.

-Важам за достојна личност, имам голем углед и авторитет. Многу ми е срам што сум тука без ниту една причина. Ова негативно влијае врз моето здравје, рече обвинетата, која додаде дека е професионалец, но и дека и денес да треба да гласа, исто пак би гласала.

-Мојот глас е кревање на рака кое не претставува одлука. Можеби другите немало да гласаат. Иако СЈО тврди дека сме се договарале, тоа не е точно. Не знам зошто одговарам за мое дискреционо право кое го поткрепувам со закон, рече Стефановска.

Таа истакна дека иако била избрана по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, сепак работела професионално. Таа им порача на обвинителите и на судиите да се распрашаат каква личност била, дека сите ја ценеле и ја поздравувале во Битола. На крајот,  побара ослободителна пресуда.

Предметот  „Титаник 2“ се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година, а обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијаков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Според прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои се прифатени како докази во судската постапка, Мијалков и Тачи се договарале за гласање на членови на ДИК во однос на поднесени приговори за Струмица.

Поврзани новости