Тројцата доктори на науки Крсте Шајноски, Александар Костадиновски и Маргарита Матлиеска веќе петти ден по ред штрајкуваат со глад во просториите на СОНК во Штип, откако претходно беа избркани од обезбедувањето на Економскиот факултет при штипскиот Универзитет, каде првично беше најавен нивниот штрајк. Тие тврдат дека ќе одат до крај, се додека не се реши нивниот проблем и додека не се разреши деканот Ристо Фотов.
Овие неколку денови со реакција излегоа повеќе професори, како и апсолвенти на Економскиот факултет, каде што предаваа тројцата избркани професори. Со реакција, исто така, се јави и Деканот Илија Тодоровски на Правниот факултет во Кичево при Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Тој тврди дека ова претставува негативен преседан, затоа што не е досегашна карактеристика на ниедна високообразовна и научна институција во Македонија, масовно да се отпуштаат наставници и тоа такви кои во целост ги исполнуваат условите за избор во повисоко звање, во случајов вонреден професор.
– Регулативата на Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип внесува и со бодови ги разработува критериумите за избор во претходно наведените звања, и тие не се испочитувани, а кои сите тројца професори нив во целост ги исполнуваат – значи, при нивниот избор има кршење на законската и универзитетската регулатива, а се работи за еминентни професори и лица со значаен придонес во научната дејност. Ректоратот би требало да реагира, но не само да доведе до ново гласање, затоа што и новото гласање може да биде како ова со кршење на законската и универзитетската регулатива, ами да наложи почитување на регулативата и етичкиот кодекс, кој е исто така прекршен, со други зборови треба да наведе правно да заврши случајот со нивен избор во повисоко звање – се наведува во реакцијата на Деканот.